ДУИ отвори нов фронт против власта и најавува иницијатива за формирање анкетна комисија која ќе го испита инцидентот што се случи за време на собраниската седница за реконструкција на Владата, во кој, според тврдењата на опозицијата, бил инволвиран министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
Според документот до кој дојде ТВ24, целта на анкетната комисија е да ја утврди целосната хронологија на настанот, реакцијата на надлежните служби, како и евентуалната одговорност на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во предлогот се наведува дека Комисијата треба да ги испита сите учесници во инцидентот, со посебен акцент на однесувањето на Стоилковиќ.
„Анкетната комисија има за цел да ги утврди сите релевантни факти и околности поврзани со настанот, да ја испита постапката на надлежните институции и службите на Собранието, како и да утврди дали со постапувањето или непостапувањето на одговорните лица се повредени достоинството и интегритетот на Собранието, правата на пратениците и принципите на транспарентност и отчетност. Анкетната комисија ќе го испита однесувањето на сите инволвирани лица, особено на членот на Владата кој учествувал во инцидентот, како и постапувањето на надлежните служби и раководството на Собранието“, се наведува во документот.
Според информациите на ТВ24, ДУИ до крајот на неделата и официјално ќе ја поднесе иницијативата до Собранието. За формирање анкетна комисија потребни се најмалку 20 пратенички потписи.
Документот веќе е потпишан од сите пратеници на албанската опозиција, вклучително и независниот пратеник Илир Демири, како и од пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој, според сведочењата, бил директна цел на вербалниот напад од Стоилковиќ. Од ДУИ очекуваат потпис и од пратеникот на СДСМ, Митко Трајчуловски, кој исто така, според опозицијата, бил мета на нападот.
Неофицијално, документот бил понуден и на пратеничката група на СДСМ, но засега останатите пратеници не ја потпишале иницијативата.
Пратеникот Фатмир Битиќи за ТВ24 изјави дека ќе поддржи секоја иницијатива што ќе придонесе за расчистување на случајот.
„Секој што го нарушува кредибилитетот на Собранието и ја доведува во прашање безбедноста и интегритетот на пратениците треба да сноси одговорност. Потребно е случајот целосно да се расчисти. Ако е неопходно, нека се формира и анкетна комисија, но без да се исклучат и сите други законски механизми“, изјави Битиќи.
Инцидентот се случи за време на расправата за реконструкцијата на Владата, откако пратениците на СДСМ, Фатмир Битиќи и Митко Трајчуловски, упатија критики кон Владата поврзани со, како што рекоа, концептот на „српскиот свет“. По нивните излагања следуваше остра реплика од премиерот Христијан Мицкоски, а според тврдењата на опозицијата, Стоилковиќ потоа влегол во вербална пресметка со пратениците, при што, според нив, за малку била избегната физичка пресметка.
Опозициските пратеници ја напуштија седницата бидејќи, како што наведоа, не добиле извинување ниту од премиерот Мицкоски, ниту од министерот Стоилковиќ. Пред гласањето за реконструкцијата на Владата, премиерот им се извини на граѓаните за случувањата, но во салата веќе немаше присутни опозициски пратеници.






