Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара од Собранието веднаш да го стопира донесувањето на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ по скратена постапка.
Со предложениот Закон се предвидува за спроведување на овој Проект, Градот Скопје да основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“ и за набавките на таа Фондација да не се применува Законот за јавните набавки. Платформата смета дека Фондацијата, која ќе биде основана од Град Скопје и финансирана од буџетот, а и од пари од Европската Унија, е правно лице кое по сите основи треба да има статус на договорен орган кој мора да ги применува одредбите од Законот за јавните набавки.
Во реакцијата се оценува дека ваквото решение создава висок ризик од корупција, ја нарушува еднаквоста пред законот и воспоставува преседан што би можел да се применува и за идни проекти.
Платформата укажува и дека предлог-законот му дава широки овластувања на градоначалникот при именувањето на органите на Фондацијата, без јасно утврдени критериуми и постапка за избор, како и дека во истата структура се концентрирани управувачките и контролните овластувања.
Дополнително, посочуваат дека предлогот е поднесен по скратена постапка, без јавна консултација преку ЕНЕР и без спроведена антикорупциска процена на регулативата.
Платформата бара Собранието да го стопира донесувањето на предлог-законот и да го одбие неговото разгледување по скратена постапка. Бара предлагачите да го повлечат текстот, да го достават на јавна консултација преку ЕНЕР и да ги отстранат одредбите со кои се отстапува од Законот за јавните набавки. Истовремено, ја повикува и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа предлог-законот од аспект на корупциските ризици и да достави мислење до Собранието и до јавноста.






