Седум милиони 132 илјади евра се потрошени за проектот за реновирање на водоводот во Гостивар и институционално зајакнување на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“.
Писмото за намери до кое дојде Телма открива дека општината побарала финансиска помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања СЕКО и Германската развојна банка, а дел од парите ги обезбедила и самата Општина Гостивар уште во 2016. година.
Општината и Комуналец се согласиле да учествуваат во проектот со 682 илјади евра, додека од СЕКО биле обезбедени повеќе од четири и пол милиони евра.
Германската банка учествувала со скоро 2 милиони евра. И покрај тоа што проектот требало да започне во 2016 година неговото започнување било одложено поради парламентарните и локалните избори во 2017, по што во 2018 година се започнати техничките работи.
Писмото е потпишано од тогашниот градоначалник Невзат Бејта и директорот на Комуналец, Мемедали Џафери но проектот бил реализиран во време додека Арбен Таравари беше градоначалник по победата во 2017. година.
Извори од Комуналец за Телма брифираат дека дел од проектот никогаш не бил реализиран додека дел и покрај тоа што бил пуштен во употреба никогаш не профункционирал.
Ова се сите планирани инвестиции кои требало да го подобрат водоснабдителниот систем, а меѓу нив било и да се изградат три резервоари за вода кај Бањица, кај Чегран и кај Здуње.
Најголемиот кај Здуње од 6 илјади м3 бил пуштен во употреба во 2024 година но според истите извори поради преместување на резервоарот никогаш не профункционрал. Биле пријавени проблеми со неговото полнење.
Другите два помали резервоари од 900 и 800 м3 вода не биле изградени, иако дел од цевководите кои требало да водат до нив биле пуштени.
Токму поради тоа што проектот е половично изведен, хидрауличното зонирање и управување со притисокот не можело да се изведе, а тоа резултира со постојан недостиг на вода и нееднаков притисок во некои делови од општината, велат сега вработени од Комуналец кои добро се запознаени со работата на системот.
Нa сите прашања поврзани со проектот што го финансирале од Швајцарската Амбасада и Агенција за Телма одговараат.
Длабоко жалиме за настаните во Гостивар и сакаме да изразиме искрено сочувство до засегнатите лица. Проектот започна во декември 2016 година и заврши во декември 2023 година. Сите компоненти на проектот финансирани од нашите придонеси се завршени, а проектот е предаден на јавното комунално претпријатие на Гостивар. Од декември 2023 година не сме вклучени во интервенции/инвестиции во системот за водоснабдување, бидејќи работењето и одржувањето се во надлежност на јавното комунално претпријатие – SECO – Швајцарски државен секретаријат за економски прашања.
Според информациите од обвинителството за сега истрага за реализацијата на проектот нема. Гостиварци пак постојано се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето кои резултираа со епидемија. Премиерот Христијан Мицковски во изјава за медиумите рече дека има надзор кој треба да изврши ревизија и на овој проект, не истакнувајќи на која институција мисли.






