Скопје денеска ја одбележува 63 годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во рамки на одбележувањето, делегација на Собранието составена од пратениците Сергеј Попов и Даниела Николова, ќе положи венец со цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на гробиштата во Бутел.
Во исто време, цвеќе ќе положат и претставници на Град Скопје, во рамки на централното комеморативно чествување посветено на жртвите од трагедијата.
Вечерната програма ќе започне во 19:30 часот во Музејот на град Скопје со отворање на изложбата „63 години – Скопје ‘63“, чиј автор е Зоја Богдановска.
Поставката преку автентични фотографии и архивски материјали ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и напорите за спасување, ставајќи ги во фокус човечките приказни и емоции од денот што засекогаш го промени градот.
Во 20:30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот.
Настанот ќе биде проследен со промоција на дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ на Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје радост моја“, посветен на легендарните шлагери на Драган Мијалковски, кој ќе се одржи од 21 часот кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во 5 часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.






