Две големи пратки запленети во Либерија и Италија уште еднаш ја истакнаа можната вмешаност на Србија во трговијата со кокаин. Во најголемата заплена во историјата на Либерија, вредна 370 милиони долари, уапсен е српски државјанин, додека во италијанското пристаниште Вадо Лигуре, меѓу 770 килограми кокаин, дел од товарот бил обележан со српско знаме. Дали постои некаква тајна врска помеѓу запленетиот товар и Србија?
Шестотини и педесет пакети со екстремно чист кокаин скриени во пратка банани од Еквадор паднаа во рацете на италијанската финансиска полиција и царина, објави телевизијата Н1.
Некои од нив биле обележани со српски знамиња. Овој товар, тежок речиси 800 килограми, е втор што е откриен за краток временски период во италијанското пристаниште Вадо Лигуре.
„Српското знаме не е доказ дека кокаинот бил наменет за српскиот пазар, ниту дека криминални групи од Србија стојат зад трговијата. Можна врска со Србија може да се утврди преку понатамошна истрага“, смета Саша Ѓорѓевиќ од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.
Белградска „Политика“ пренесува изјава на соговорник, познавач на работата на криминалните структури кој вели дека нарко-клановите со децении ги означуваат своите пакети како стока со букви, броеви, животни, логоа, но и со фигури на политичари, спортисти и музичари. Никола Тесла, Лионел Меси, Боб Марли, Хитлер, Супер Марио, како и етикетите на најпознатите светски брендови беа видени на пакувањата со дрога.
„Станува збор за еден вид систем за обележување што овозможува разликување на различни пратки, идентификување на сопственикот на стоката, клиентот или криминалната група на која е наменета пратката. Сепак, симптоматично е што за прв пат знамето на една земја се појавува како ознака на пакети со наркотици. Со право може да се посомнева дека некој од ‘нашите’ луѓе сакал на овој начин да обележи дел од дрогата наменета за српскиот пазар или за понатамошна дистрибуција што би поминала низ нашата земја“, заклучува нашиот соговорник.
Новинарот на Nova.rs, Милош Ј. Лазиќ, вели дека каде и да погледнете, кога станува збор за транспорт и трговија со кокаин, можете да најдете или Срби или Црногорци.
За да се утврди дали тука се вклучени балкански криминални групи, нашите соговорници ни велат дека е потребно да се испита дали во Еквадор има криминални структури од овие региони кои се вклучени во трговијата со кокаин. Истражителите ги сметаат балканските нарко-банди за многу силни играчи во трговијата со кокаин за Западна Европа и Австралија.
„Пратки на српски и други групи од Балканот честопати воопшто не поминуваат низ Србија, а кокаинот од Латинска Америка се транспортира директно до европските пристаништа и најголемите пазари во Западна Европа и Австралија. Во такви случаи, Србија се јавува како место на живеење, како место од кое криминалците комуницираат со своите соработници“, вели Ѓорѓевиќ.
Функционирањето на криминалните групи е невозможно без помош и соработка на одредени државни структури или дури и на самите институции.
Кореспонденцијата во апликацијата Скај, откриена во Црна Гора, ја посочи српската амбасада во Лисабон како безбедно место за криење кокаин. Српската страна никогаш не одговори на овие обвинувања.
„Гледаме дека многу од нив користат украдени идентитети, а не лажни документи, што е невозможно без соработка со полицијата. Само еден полицаец досега е осуден за такви дејствија, што е исклучително невообичаено“, вели новинарот Лазиќ.
Невообичаено е службени лица да бидат уапсени во вакви операции, но тоа се случи, и тоа во Србија. Пред речиси две години, тоа беше тогашниот вршител на должноста директор на Градскиот превоз во Нови Сад, Младен Паповиќ. Од преписката во Скај стана јасно дека тој бил еден од организаторите на криминална група што транспортирала кокаин од Јужна Америка во Европа.






