Скопје, 21 јули – Хрватска порача дека решавањето на сите отворени билатерални прашања со Црна Гора е неопходен предуслов Подгорица успешно да ги заврши пристапните преговори со Европската Унија.
Од хрватското Министерство за надворешни и европски работи соопштија дека ставовите на Загреб се јасни и дека очекуваат конкретен напредок по повеќе отворени прашања. Меѓу нив се обештетувањето на поранешните затвореници во логорите, продолжувањето на потрагата по 14 исчезнати лица од периодот на Војната за независност, како и процесуирањето на одговорните за воени злосторства.
Хрватска како нерешени прашања ги наведува и имотните барања на хрватските семејства кои останале без својот имот во Црна Гора, зачувувањето на спомен-обележјето на местото на поранешниот логор Морин, продолжувањето на разговорите за разграничувањето на морето, како и враќањето на школскиот брод „Јадран“.
Од Министерството апелираат до црногорските власти во преостанатиот период до крајот на 2026 година активно да се вклучат во конструктивен дијалог и да ја интензивираат работата за решавање на овие прашања.
Во соопштението се истакнува дека Европската Унија јасно ставила до знаење дека не сака билатералните спорови да станат дел од процесот на проширување, поради што тие треба да бидат решени навремено за да не претставуваат пречка во пристапните преговори.
Хрватска потсетува дека добрососедските односи се еден од клучните политички критериуми за членство во Европската Унија и дека овој принцип е составен дел од преговарачката рамка за Црна Гора, како и за сите останати земји кандидати.
Инаку, Црна Гора досега привремено затвори 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја и останува најнапредната земја-кандидат за членство во Европската Унија. Европската Унија веќе го одобри почетокот на подготовката на нацрт-договорот за пристапување, додека Европската комисија усвои финансиска рамка во вредност од речиси 3,2 милијарди евра, врз основа на очекувањата дека земјата би можела да стане полноправна членка на Унијата во 2028 година.






