Галеријата „Аполон“ во музејот Лувр во Париз, од каде што беа украдени скапоцености во вредност од 88 милиони евра, утре повторно ќе се отвори за јавноста.
Скапоценостите нема да бидат изложени, а галеријата „Аполон“ ќе се врати на својата функција како државна галерија од 17-тиот век, изјави денес за АФП еден добро упатен извор.
„Галеријата ќе се отвори во среда“, рече изворот, потврдувајќи ја информацијата на весникот „Ле Паризиен“ и додавајќи дека на настанот ќе присуствува француската министерка за култура, Катрин Пегард.
Претседателот на музејот, Кристоф Лерибо, во интервју за „Ле Паризиен“ изјави дека колекциите и скапоцените предмети што претходно биле изложени се отстранети.
Инаку, во октомври 2025 година, крадци маскирани како градежни работници влегле во галеријата користејќи кран монтиран на камион. Тие украле осум предмети од кралскиот накит, кои сè уште се водат како исчезнати.
За накитот што не бил украден ќе се изгради безбедна просторија – трезор без прозорци – во друг дел од музејот, изјави Лерибо. Упадот во Лувр ги разоткри сериозните безбедносни пропусти во најпосетуваниот музеј во светот, кој годишно привлекува околу девет милиони посетители. Кражбата исто така предизвика внатрешна криза во Лувр, што доведе до смена на неговата претседателка, Лоранс де Кар. „Безбедносните прашања во Лувр беа занемарени во последните години“, констатираше парламентарната комисија за безбедност на музеите во Франција.






