Турција денеска со низа државни и јавни настани ја одбележува десетгодишнината од обидот за преврат на 15 јули 2016 година, настан што остана една од најважните политички пресвртници во поновата турска историја.
Централната програма се одржува во Анкара, каде претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе ја предводи свечената поворка под мотото „Волјата е наша, победата е наша“.
Поворката треба да започне од Столичниот парк на народите, а организаторите очекуваат околу 20.000 учесници. Настаните вклучуваат изложби, конференции, уметнички инсталации, програми за семејствата на загинатите и активности за странски новинари.
Турските власти за организатор на неуспешниот пуч ја посочуваат мрежата на исламскиот проповедник Фетхулах Ѓулен, кој почина во 2024 година. Според официјалните турски податоци, во ноќта на 15 јули 2016 година загинале повеќе од 250 лица, а илјадници биле повредени.
Во Анкара ќе биде поставен дигитален „тунел на времето“, со звук, светлина и современи визуелни технологии, преку кој посетителите ќе можат да ги проследат првите часови од обидот за преврат. Дел од програмата ќе биде посветен и на развојот на турската одбранбена индустрија во изминатата деценија.
Во Истанбул, комеморативни активности ќе се одржат на плоштадите Ускудар и Таксим, а посебна програма е најавена и на Мостот на мачениците од 15 јули, поранешниот Босфорски мост.
Во текот на неделата, десет возови ќе сообраќаат со обележја посветени на годишнината, а фотографии од ноќта на пучот ќе бидат изложени на аеродромите во Анкара, Истанбул, Измир, Анталија и Газиантеп.
Во Турција, 15 јули се одбележува како Ден на демократијата и националното единство.






