Срцевите заболувања и понатаму се меѓу водечките причини за смртност во регионот, поради што многумина се трудат преку исхраната да го намалат ризикот од висок крвен притисок, зголемен холестерол и други фактори кои придонесуваат за развој на болести. Бананите и портокалите се меѓу најдостапните и најпопуларните видови овошје. Богати се со калиум, влакна, витамин Ц и антиоксиданси, па често се поставува прашањето кое од нив е подобар избор за здравјето на срцето. Нутриционистите истакнуваат дека одговорот не е едноставен бидејќи и двата плода имаат значителни предности.
Бананите се одличен извор на калиум, влакна и полифеноли, односно соединенија кои заедно придонесуваат за здравјето на кардиоваскуларниот систем. Овие состојки помагаат во намалување на крвниот притисок, поволно влијаат врз нивото на холестерол и го намалуваат оштетувањето на клетките, со што го чуваат здравјето на крвните садови. Една голема банана обезбедува повеќе од десет проценти од препорачаниот дневен внес на калиум, минерал кој му помага на организмот да го исфрли вишокот натриум преку урината. На тој начин се намалува притисокот и се ублажува ризикот од мозочен удар. Доколку се јадат додека се уште малку зелени, бананите содржат повеќе отпорен скроб кој ги храни корисните бактерии во цревата, претворајќи ги во масни киселини поврзани со пониско ниво на холестерол. Покрај тоа, нивните антиоксиданси ја подобруваат функцијата на крвните садови и го штитат лошиот холестерол од оксидација.
Од друга страна, портокалите се исклучително богати со влакна, витамин Ц, фолна киселина и цитрусни флавоноиди. Најзначаен меѓу нив е хесперидинот, за кој истражувањата покажуваат дека придонесува за намалување на крвниот притисок, подобрување на функцијата на крвните садови, регулација на шеќерот во крвта и намалување на воспаленијата. Нутриционистите препорачуваат при лупењето да се остави тенкиот бел слој под кората бидејќи токму тој содржи најголеми количини хесперидин. Портокалите се и добар извор на фолна киселина, која помага во одржување на нормално ниво на хомоцистеин, соединение чии зголемени вредности се поврзани со поголем ризик од срцеви болести. Витаминот Ц дополнително ги штити крвните садови од оксидативен стрес и придонесува за нивно нормално функционирање.
Нутриционистите истакнуваат дека ниту бананите ниту портокалите не се подобри една од друга. Двата вида овошје содржат хранливи материи кои го чуваат срцето, па затоа најдобар избор е редовно вклучување на двете намирници во исхраната. Експертите предлагаат неколку едноставни начини за нивно почесто консумирање, како подготовка на смути од банана, портокал, ананас, ѓумбир и јогурт. Исто така, згмечената банана може да се користи за природно засладување на овесни снегулки, додека парчињата портокал одлично одговараат во комбинација со јогурт или врз тост за појадок. Двата плода се исклучително практична ужина за носење бидејќи лесно се транспортираат и не бараат посебно чување.






