Тимот на Народниот правобранител неодамна откри дека во психијатриската болница во Демир Хисар завршувале осуденици со лажни психијатриски дијагнози за да се спасат од затворските решетки. Според нашиот соговорник, невропсихијатарот д-р Мице Дудучки сомнежите за ваквите злоупотреби постојат со години. Како што вели тој, постои таканаречен „криминален триаголник“, кога осудениците стануваат лажни пациенти, но и клиенти на дел од психијатрите.
Невопсихијатарот Дудучки вели дека е познато дека во тоталитарните режими психијатријата, како наука, а посебно форензичката психијатрија била злоупотребувана од страна на владејачките структури, било за дезавуирање на одредени политички опоненти, нивно стигматизирање или изолирање од социјалната средина.
–За тоа е доста пишувано и во белетристиката, но и во стручната литература. Нешто слично се случува и во денешно време, но од друг аспект и со друга конотација. Имено, неколку месеци како специјалист невропсихијатар, работев и во пенална институција, затворот во Кшање, Куманово, каде имав можност детално да се запознаам со „интересните триаголници“ помеѓу судиите, лекарите вештаци и дел од персоналот на казнено-поправните установи. Па сведоци сме на скандалозни пресуди, злоупотреби на психијатриската и форензичката наука, а примарно во коруптивни цели за наведените учесници во овој криминален триаголник, дециден е Дудучки.
Тој вели дека целата јавност беше сведок кога еден негов колега прогласи за непресметлив тежок криминалец, од скопското наркодилерско подземје, прогласувајќи го за параноидна личност, а пред се знаејќи дека се работи за ноторен криминалец со дебело криминално досие.
–Па се поставува прашањето, дали кривичните дела за кои е обвинет и осуден ги вршел свесно, намерно со цел стекнување на противправна имотна корист или делата се извршени заради психопатолошки елементи во мисловниот и конгитивниот процес на сторителот. Чудно е како некои лекари за жал свесно ја употребуваат својата позиција, па некои „привилигирани“, слободно можам да кажам клиенти (не се пациенти) ги прогласуваат за тешко болни (со преканцероза, реална или фиктивна, затвореникот се ослободува од понатамошно издржување на казната), незаконски, на основа на лажни лекарски наоди му се намалува казната, а потоа таквите лица на слобода функционираат како потполно здрави и во психичка и во соматска смисла, вели нашиот соговорник.
– Advertisements –
На нашето прашање дали има вакви злоупотреби во судската психијатрија, како што откри тимот на Народниот правобранител, тој категорично одговара со Да.
–Зошто? Затоа што самите судски органи, надредените стручни институции не се заинтересирани, или најблаго речено се корумпирани, и ваквите случаи ги ставаат под тепих. Во скандалозното префрлање на тешки криминалци со постоечки или непостоечки дијагнози се нарушува дигнитетот на оние здравствени работници кои чесно и одговорно си ја извршуваат својата хумана работа со адекватна посветеност, а оној дел кој од лукративни причини пред се, фрла валкани петна врз професијата, потенцира невропсихијатарот.
Тој вели дека затворениците своите психички проблеми можат да ги лекуваат и во затворите.
–Зарем и оние кои имаат некои психички проблеми, а секој затвореник ги има заради самиот престој во пеналната установа, не може да се лекува во самата затворска установа која има за цел рехабилитација и ресоцијализација на криминалците, па таа улога ја префрлаат врз здравствена установа која нема ниту капацитет во кадровска и просторна смисла за такви активности. Лекувањето може да се реализира и во самата здравствена установа, а ретки се случаите каде што е потребно лекување во хоспитални услови и тоа во аретанското одделение на психијатриската болница Скопје. Алармантно е како сите сторители на кривични дела „беспрекорно“ функционираат кога се на слобода, а во затворски услови пројавуваат разни ментални и телесни болести, вели докторот.
Тој раскажува дека имал притисок од судија да пушти затвореник да оди во Бања.
–Лично имав притисок од еден судија во Куманово, затвореник да се пушти на бањско лекување оти имал спондилоза!, шокирано вели докторот.
Тој поентира дека доколку државата сака може да им стави крај на ваквите злоупотреби.
–Каде е решението? Пред се, таквите вештачења треба да се реализираат тимски. Второ постои и дополнително вештачење или суперекспертиза каде ќе се валоризира претходното вештачење и ако има основа за нестручно и несовесно работење на вештакот истиот да се санкционира со одземање на лиценцата од страна на Комората на судски вештаци, а и да се санкционира, вели Дудучки.
Доколку пак се се остави под тепих, тогаш вели дека довербата во институциите ќе падне и под сегашните 2%.
–Уште еден доказ дека селективната правда е најголема неправда. Ако трулежот во правниот систем продолжи со вакво темпо и со политика на неказнивост, тогаш довербата и во судството и во здравствените институции ќе биде со бројка помала од 2%. Добро е што јавноста треба да се алармира, да се направи ревизија на сомнителните вештачења, а и персоналот на психијатриските установи да се занимава со својата дејност, а не да претставува буњиште на криминализирање на системот. Решенија постојат, потребна е политичка волја истите да се реализираат со што ќе се овозможи подобро функционирање во сите сфери на општествениот живот, дециден е невропсихијатарот.






