На социјалните мрежи се појави видео од физичко насилство кое, според тврдењата на граѓаните, се случило во саботата во населбата Тркалиште во Шабац, Србија. На снимката се гледа како жена упатува сериозни закани, а потоа и физички напаѓа малолетно дете, што предизвика лавина остри реакции и ја вознемири јавноста. За случајот веќе е известена и полицијата.
Според тврдењата на очевидците, жената по кратка расправија физички насрнала врз малолетното момче, го удирала по главата (за среќа, детето носело заштитна кацига), му упатила грозоморни закани, а потоа со нозе го шутирала неговиот паднат електричен велосипед.
На видеото јасно се слушаат и тешките навреди кои жената му ги упатува на малолетното дете на расна и етничка основа.
Го удирала со тупаници по главата
Имено, жената, која во исто време шетала куче на поводник, во еден момент се свртела кон момчето и агресивно тргнала кон него. Најпрво со рака почнала да го удира по главата, односно по кацигата, по што дечето извикало: „Што правиш?“.
Веднаш потоа уследиле тешки закани и погрдни зборови од страна на жената: „Сакаш да те убијам?! Бегај таму, носи го тој мотор пред да ти го скршам!“, по што продолжила со тупаници да го удира во пределот на главата.
Како што пренесуваат медиумите, до судирот наводно дошло бидејќи електричниот велосипед на детето бил делумно неисправен и создавал бучава која ја изнервирала минувачката.
Сведоштво на децата кои биле на местото на настанот
Заедно со видеото, до локалните медиуми пристигнало и сведоштво од децата кои во тој момент биле присутни на лице место:
„Се возевме со велосипедите, но велосипедот на другарчето беше малку расипан и нешто тропаше на него. Таа се изнервира и го турна од скутерот. Скутерот притоа дополнително се оштети, а таа почна да го тепа. Го удри 5-6 пати по главата. На крајот беше повикана и полиција“, се наведува во пораката која се споделува на мрежите.
Надлежните служби во Србија веќе работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста за овој грозоморен напад врз малолетник.






