Точно две години од владеењето на Христијан Мицкоски и неговата Влада. Две години во кои граѓаните наместо резултати добија лаги, дефокус и закани, изјави на прес конференција Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Вели „Наместо подобар животен стандард, добија економски колапс, најниски плати во Европа и раст на сиромаштијата на 22%. Наместо европска иднина, граѓаните добија изолација. Наместо правда, добија политичка одмазда, закани и нарачки на процеси од собраниската говорница, на телевизија и преку телефон. Економските резултати се катастрофални“.
„За само две години Владата на Мицкоски ја задолжи државата со 2,5 милијарди евра нов долг. Задолжувањето е секојдневно. Буџетот е празен. Нема пари за поголеми плати, за подобар стандард на работниците. Веќе снемува пари и исплата на идните пензии. Пензиониот фонд е сериозно загрозен, дупката во ПИОМ е зголемена на 40%, власта го загрозува и вториот столб. Младите масовно се иселуваат. Земјоделците се оставени сами на себе, без никаква помош. Субвенциите се намалени за 40 милиони евра“ рече Кузеска.
Потенцира „Нема зголемување на минималната плата на 600 евра. Нема зголемување на платите во образованието и здравството. Нема реформи. Нема напредок. Нема правда, цвета криминалот и корупцијата. Над 150 милиони евра само за крминални партиски тендери. Додека владините функционери со бугарски државјанства тераат бизниси во Бугарија, ја блокираат европската интеграција на Македонија. Македонија стана слепо црево на Балканот и на Европа – изолирана, задолжена и без перспектива“.








