Пакистанската полиција уапсила маж осомничен дека повеќе од десет години ја држел во заробеништво својата сопруга, француската државјанка Силви Јасмина, заедно со нивните пет деца. Според информациите што ги пренесува Би-би-си, жената тврди дека семејството со години било изложено на физичко и психичко насилство.
Случајот излегол на виделина откако едно од децата успеало да избега и да побара помош од полицијата. По пријавата, полицијата извршила акција во куќа во Бари, оддалечено место во покраината Хајбер Пахтунхва, каде што ги пронашла мајката и петте деца во тесна и запуштена просторија.
Според полициските информации, кај членовите на семејството биле забележани видливи повреди и модринки, по што веднаш биле префрлени во сигурна куќа за жени во Пешавар. Надлежните служби соопштиле дека жената и децата планираат да се вратат во Франција.
Педесет и четиригодишната Силви Јасмина изјавила дека животот на семејството се претворил во кошмар по преселбата од Австралија во Пакистан во 2014 година. Според нејзините тврдења, сопругот практично ги држел изолирани од надворешниот свет и не им дозволувал контакти со други луѓе.
Пакистанските власти не го открија идентитетот на осомничениот, но наведоа дека станува збор за пакистански државјанин кој нелегално престојувал во Австралија во времето кога се запознале.
Според исказот на жената, двете постари деца го прекинале образованието, додека трите помали, кои се родени во Пакистан, никогаш не биле запишани на училиште. Двојката стапила во брак во 2003 година и живеела во Австралија сè до преселбата во Пакистан.
Во својата изјава, Јасмина навела дека таа и децата биле лишени од слобода, дека биле занемарувани и често изложени на физичко малтретирање. Таа посочила дека чувствува оти нејзината иднина, како и иднината на децата, биле уништени поради годините поминати во изолација.
Истрагата за случајот е во тек, а надлежните служби ги утврдуваат сите околности поврзани со наводите за долгогодишно насилство и незаконско лишување од слобода.








