Новиот систем за евиденција на влез и излез (EES), кој Европската Унија го воведе за државјаните на земјите што не се членки на Шенген, предизвика големи метежи и долги задржувања на граничните премини, а најмногу реакции има од патниците од Србија.
Системот, кој треба да го замени печатирањето на пасошите со дигитална евиденција, бара фотографирање на лицето и земање отпечатоци од прсти, а во пракса значително го продолжува времето потребно за преминување на границата.
Една од најголемите промени е тоа што сите патници мора да излезат од возилото и лично да се појават на контролниот пункт за биометриска идентификација. Иако по првата регистрација следните проверки би требало да бидат побрзи, патниците тврдат дека и понатаму често се фотографираат и им се земаат отпечатоци при секое патување.
Поради долгите процедури, на бројни гранични премини се создаваат километарски колони, а дел од патниците сведочат дека чекале и по неколку часа, поради што пропуштиле летови, резервации или други планирани обврски.
Добра вест за српските туристи е што Грција одлучи привремено да не го применува EES системот за државјаните на Србија до 30 август, со цел да се избегнат дополнителни метежи за време на летната туристичка сезона.
EES системот важи за сите државјани на земји надвор од Шенген зоната и се применува и на копнените граници и на аеродромите. Европската Унија очекува дека со текот на времето системот ќе ја подобри безбедноста и ќе ја олесни контролата на патниците, но засега неговото воведување предизвикува бројни реакции и незадоволство кај туристите.








