Одделот за имунологија на Клиниката за детски болести ќе се спои со Одделот за пулмологија оти има недостаток на медицински сестри, кажа директорот Реџеп Мемеди. Тој рече дека Одделот за имунологија не е укинат туку поради недостигот на медицински кадар е направено спојување.
„Бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, организација на распоред за дежурства, бевме приморани привремено да направиме фузија на двата оддела, за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе покриваат дежурства. Се работи за Имунологија и Пулмологија. Ова е привремено решение за да го пребродиме овој период кога немаме доволен број на кадар“, рече Мемеди во изјава за медиумите.
И покрај намалениот капацитет за прием на деца, тој кажа дека не се враќа ниту еден пациент.
„Ќе најдеме место за секој пациент. Иако има недостиг на сестри, ниту еден пациент не се враќа“, додаде директорот Мемеди.








