Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска сподели дека, според Индексот на квалитет на институциите од јавниот сектор за 2025 година, Министерството за дигитална трансформација било рангирано на прво место.
„Ова признание, по само две години од постоењето на Министерството, е потврда дека кога институцијата има јасен фокус кон граѓаните, организирани процеси и посветен тим, резултатите стануваат видливи и мерливи. Дигиталната трансформација не е технологија заради технологија. Таа значи подобра јавна услуга. Помалку чекање. Помалку бирократија. Повеќе доверба во институциите“, истакна Андоновски.
Кога процедурите се јасни, дигитални и следливи, како што вели тој, се намалува просторот за субјективност, непотребно одолговлекување и коруптивно однесување.
„Токму затоа дигитализацијата е важен дел од доброто управување, транспарентноста и борбата против корупцијата“, додава министерот.
Посочи дека ова признание им припаѓа, пред сè, на вработените во Министерството за дигитална трансформација – на луѓето кои секојдневно работат со граѓани, институции, системи и предизвици кои често не се гледаат однадвор, но од кои зависи дали една услуга ќе функционира или не.
„Нашата цел останува иста: институции кои работат побрзо, поефикасно и почесно; услуги креирани околу потребите на граѓаните; и јавна администрација која гради доверба“, порача Андоновски.








