Минатата недела во Скопје се отвори уникатно кафуле. Станува збор за „Cat Cafe“, каде покрај тоа што ќе се напиете различни видови на кафе и освежителни пијалоци, ќе можете и да ги галите и да си играте со мачињата кои го исполнуваат просторот со позитивна енергија.
Ваквиот концепт не е нов низ многу светски метрополи. Сепак, во главниот град за многу кратко време стана атракција.
Зад новоотворениот уникатен простор стојат момче и девојка кои што првпат овој концепт го виделе Рејкјавик, Исланд, а за порталот „Фемина“ раскажуваат дека толку многу биле воодушевени од концептот што си ветиле дека ќе посетат што е можно повеќе вакви места низ светот.
Со текот на времето, нивната шега дека еден ден некој можеби ќе отвори вакво кафуле и кај нас, полека прераснала во сериозна идеја. Па така, иако отворањето траело само еден месец, нивните подготовки всушност започнале многу порано, односно додека посетувале вакви кафулиња во различни земји, од Исланд и Португалија до Виетнам и Кина, и собирале идеи и инспирација за тоа што би понудиле тие во Скопје.








