Под слоганот „Сите нека знаат“, денеска во Скопје ќе се одржи Скопје Прајд 2026 – Парадата на гордоста посветена на човековите права, еднаквоста и достоинствениот живот на ЛГБТИК+ заедницата во земјава.
Организаторите информираат дека и годинава настанот ќе има карактер на протестен марш, преку кој ќе бидат испратени пораки за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата.
„Парадата на гордоста претставува протестен марш за човекови права, еднаквост и достоинствен живот на ЛГБТИК+ луѓето во Северна Македонија. Годинава маршот се одржува во услови на засилени општествени и политички предизвици, со порака за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата“, соопштија организаторите.
Собирот на учесниците е закажан за 18 часот кај Фонтаната во Градскиот парк, а протестниот марш ќе започне во 19 часот.
Скопје Прајд традиционално обединува активисти, поддржувачи и граѓани кои се залагаат за еднакви права, недискриминација и поголема општествена инклузија на ЛГБТИК+ заедницата.
Организаторите споделија и препораки за безбедност на учесниците, а по официјалниот дел следи „афтер парти“ со неколкумина музички имиња.
– Очекувајте забава исполнета со дрег перформанси, раскош и драма за која уште долго ќе се раскажува, наведуваат организаторите.








