Царинската управа поднесе кривична пријава против доктор и медицинска сестра од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, кои се обиделе да прошверцуваат вкупно 199 вијали со ботокс во вредност од 615 илјади денари (околу 9.900 евра) преку поштенска пратка декларирана како козметички примероци со вкупна вредност од 80 долари (околу 70 евра).
Против лицата е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО ) Скопје за сторени кривични дела, шверцување и царинска измама, казниви во согласност со Кривичниот законик, вели Управата.
Случајот е откриен од царински службеници од Царинска филијала Скопје 1 при детална контрола на поштенска пратка пријавена за увозно царинење за која била приложена фактура во која биле наведени 10 козметички примероци. При отворање на пратката царинските службеници откриле 199 вијали со ботокс, кои се користат во естетската медицина и кои не биле наведени во фактурата.
Случајот е предаден на Одделението за истраги, кое поведе посебни предистражни дејства, во чии рамки по налог на јавен обвинител извршен е и претрес на три локации.
„Во предистрагата е утврдено дека првоосомничениот, вработен како доктор на Универзитетскиот клинички центар ‘Мајка Тереза’, нарачал 199 вијали со ботокс во вредност од 615 илјади денари од компанија од Република Кореја и се договорил во фактурата да бидат декларирани како 10 парчиња козметички производи со вкупна вредност од 80 долари. Потоа, од второосомничената, вработена како медицинска сестра на Универзитетскиот клинички центар ‘Мајка Тереза’, побарал да биде наведена како примач на стоката, која му помогнала во вршење на кривичните дела на начин што се согласила нарачката да пристигне на нејзино име и адреса и фактурата ја платила од својата трансакциска сметка“, соопшти Царинската управа.
Од Управата додаваат дека увозот на ботокс е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и секоја измама поврзана со увоз на ваква или слична стока претставува опасност за здравјето на граѓаните, како и дека и понатаму ќе има нулта толеранција кон сите што се обидуваат да работат спротивно на законот.








