Обвинетите девет полициски службеници во предметот поврзан со кочанската дискотека „Пулс“, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за она што ги товари Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Застапничката на обвинението, обвинителката Спасенка Андонова рече дека обвинетите за злоупотреба на службената положба и овластување, не ги извршиле соодветните проверки кои се однесуваат на евиденција на нарушување на јавен ред и мир и не направиле проверки на терен за сообраќајни решенија.
Според обвинението, овозможиле добивање лиценца во 2022 и 2023 година, со намера да прибават имотна корист за правното лице во износ од околу 284.000 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот во износ од над 330.000 денари бруто плата.
„Со обвинението им се става на товар дека овие дејствија не биле преземени од нивна страна. Како резултат на тоа, сепак е дадена согласност и врз основа на таа согласност е издадена лиценца, којашто овозможила овој клуб понатаму да работи, а со тоа и непречено да остварува имотна корист во таа насока.“
Според одбраната, се работи за селективна правда. Адвокатот на првообвинетиот полициски службеник, вели дека недостасуваат одредени писмени докази и намерата е да се обвинат повеќе лица.
„Тие докази се многу важни за одбраната од кои може да се види дека се’ провериле и дале се’ од себе за да не се дојде до вакви ситуации. Мојот клиент три години пред настанот во дискотеката „Пулс“ е во пензија. Не е правда, ако некој оди со сила, колку мртви толку обвинети. Не е во ред со сила да се тераат работите, да има што повеќе обвинети во овој процес.“
Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова. Следното рочиште закажано за 29 јуни, продолжува со изведување на материјални докази.








