Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, ги отфрли шпекулациите дека би можел да ја напушти државата по најавите за издржување затворска казна и упатниот акт за затворот во Шуто Оризари. Во гостување во емисијата „Во центар“, тој порача дека нема намера да бега и дека ќе ја прифати секоја судска одлука.
Јакимовски рече дека не се гледа себеси во сценарио слично на она на поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега од земјата пред да оди на издржување затворска казна.
„Каде би бегал? Зошто би бегал? Никогаш на таква работа не сум помислил, каква сака нека биде казната“, изјави Јакимовски.
Тој нагласи дека ќе ја почитува судската одлука, иако, според него, случајот против него е политички конструиран. Јакимовски во интервјуто посочи дека доколку навистина сторил кривично дело и нанел штета на буџетот и граѓаните, би се извинил и би побарал пониска казна, но ако не е така, како што рече, ќе ја одлежи казната.
„Од гроб не се враќа, од затвор се враќа“, порача Јакимовски.
Поранешниот градоначалник откри и дека има здравствени проблеми, наведувајќи дека бил опериран од карцином на бели дробови и дека во декември треба да оди на контрола во Виена. Сепак, тој тврди дека тоа не е причина за бегство, ниту дека некогаш размислувал за таков потег.
Осврнувајќи се на политичките критики, Јакимовски оцени дека нападите против него се мотивирани од страв од неговиот политички рејтинг и од можните резултати на идните локални избори во Карпош.
Со оваа изјава, Јакимовски се обиде да испрати порака дека нема да ја избегнува правдата, но и дека случајот против него го гледа како дел од поширока политичка пресметка.








