Грчките власти воведоа привремена забрана за капење на дел од плажата во Пефкохори на првиот крак на Халкидики, откако беше регистрирано излевање на отпадни води поради дефект на цевковод за нивен транспорт.
Според соопштението на Општина Касандра, инцидентот бил забележан во утринските часови на 11 јуни, кога дошло до пукање на потисниот цевковод Ф225 преку кој отпадните води од Пефкохори се транспортираат до постројката за преработка.
Веднаш по утврдувањето на дефектот, надлежните служби и општинските екипи излегле на терен и започнале со санација. Истекувањето било брзо запрено, а оштетувањето целосно отстрането. Паралелно биле спроведени активности за миење и дезинфекција на погоденото подрачје.
Поради инцидентот, со одлука на заменик-гувернерот на Халкидики е воведена привремена забрана за користење на плажата за капење на локацијата „Акротири“ во Пефкохори. Забраната се однесува на појас од 200 метри од двете страни на местото каде што дошло до излевањето, односно на делот од крајбрежјето кај истоимениот бич-бар „Акротири“, на излезот од туристичкото место.
За случајот веднаш биле известени Дирекцијата за јавно здравје и социјална грижа на регионалната единица Халкидики, како и надлежните еколошки служби, кои започнале со земање примероци и лабораториски анализи на водата.
Од Општина Касандра нагласуваат дека во Грција отпадните води не се испуштаат директно во морето, туку преку канализациската мрежа се транспортираат до пречистителни станици каде што се обработуваат. Во конкретниот случај станува збор за дефект на транспортниот цевковод, а не за намерно испуштање канализација во морето.
Локалните власти соопштија дека ги презеле сите неопходни мерки и остануваат во постојана координација со надлежните институции. Ново соопштение за состојбата и евентуалното укинување на забраната за капење ќе биде објавено по добивањето на резултатите од лабораториските анализи.
Фото: Halkidikinews.gr
Извор: Grcka.info/ Iefimerida.gr








