Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп информираше дека успешно е завршена замената на сите рефлектори на стадионот со вештачка трева во населбата Типска, со што спортскиот објект повторно е целосно осветлен и подготвен за користење во вечерните часови.
Од претпријатието посочуваат дека новоинсталираните рефлектори веќе се ставени во функција, што ќе им овозможи на спортските клубови, рекреативците и сите љубители на спортот да ги користат терените и за вечерни тренинзи и спортски активности.
Стадионот со вештачка трева претставува едно од најпосетуваните спортски места во овој дел од градот, а подобреното осветлување ќе придонесе за поквалитетни услови за тренинг и рекреација.
Воедно, од ЈКП „Комуналец“ упатија апел до сите корисници на спортскиот објект да се однесуваат совесно и одговорно, со посебен акцент на одржувањето на хигиената и правилното одлагање на отпадот.
Од претпријатието нагласуваат дека заедничката грижа за спортската инфраструктура е важна за нејзиното долгорочно зачувување и создавање подобри услови за сите граѓани кои активно се занимаваат со спорт и рекреација.








