Во петок, на 12 јуни, со почеток во 18:30 часот, во Изложбениот салон во горното фоаје на НУ Центар за култура – Битола ќе биде отворена изложба на еден од најзначајните македонски сликари Владимир Георгиевски.
Пред битолската публика ќе бидат претставени околу дваесетина дела изработени во различни техники, кои овозможуваат подлабоко запознавање со неговиот богат творечки опус, мотивите и уметничките истражувања, како и со силните пораки што ги носи неговото сликарство.
Изложбата е дел од проектот кој веќе три и пол години патува низ Македонија преку „Мјузеум линк“ – неформална мрежа на домови на култура и локални музеи, чија цел е делата на Георгиевски да бидат достапни за што поширока публика, особено за младите.
Досега поставката била претставена во 29 градови низ државата, а Битола е 30-тиот домаќин на ова културно патување.
Претставените дела се дел од семејната збирка, во избор на Фросина Георгиевска, додека организацијата и координацијата се реализираат со поддршка на Јасминка Намичева од Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архефакт“ од Скопје.
Организаторите порачуваат дека изложбата претставува ретка можност публиката одблизу да се запознае со делото на еден од највлијателните македонски ликовни уметници.








