Пишува: Фатмир Битиќи
Конгресот заврши, но потребата од поширока, вредносно-политичка рамка остана. Рамка која ги надминува очекувањата само да се усвои програма, да се потврди одредена политичка насока или да се испрати порака дека продолжуваме понатаму.
Да продолжуваме понатаму, но како, кон што, со кого? Тоа е прашањето кое бара одговор дали сите ние, или најголемиот дел од нас од кои извира виталноста на СДСМ, сме подготвени да се промениме.
Конгресот беше политичко огледало во кое требаше да се погледнеме.
Повеќе пати во минатото покажавме дека многу убаво знаеме да зборуваме за промени, тие промени да ги запишеме во програмски документи, платформи, соопштенија, да ги кажуваме во јавност. Често го правевметоа на многу едноставен, но идеолошки неподносливо лесен начин.
Моменталната позиција и политичката траекторија по која се движиме како политичка партија бара да се промениметаму каде што најмногу нè боли, во нашите вредносно испразнети политички навики, во нашиотсоцијалдемократски осиромашен јазик, во надменотооднесување кон граѓаните, но и во нашиот индивидуален однос кон сопствената одговорност.
Поразот не го разбирам како најтешката работа која може да се доживее во политиката. Тој не мора нужно да води конфатален исход за политичките партии, напротив, тој може да биде почеток на нова виталност, момент на трезнење, односно точка од која партијата ќе се врати на својата автентичности и ќе биде посилна, поскромна, поотворена и поблиска до луѓето и идеолошките вредности.
Но, поразот станува опасен кога ќе се прифати како ден кој е оставен зад нас во минатото, а притоа нема да се покажеподготвеност за негово вредносно преиспитување и разбирање.
Би рекол, вредносно-политички се старее кога поразот ќе помине, а неговата лекција ќе остане ненаучена. Ова го кажувам од лична приврзаност кон идејата и кон луѓето со кои низ годините сум делел и победи, и сомнежи, и надежи, и тешки разговори. Партијата е жива само додека во неа има простор за искрена мисла, за отворена дебата и за достоинствено различно мислење. Кога тој простор се стеснува, се стеснува и способноста за политичко растење.
Минувањето на времето не е доволно за повторно да се заслужи довербата. Не се доволни традицијата, партиската меморија за минати заслуги или фактите дека некогаш сме биле носители на важни историски процеси и одлуки за татковината.
Довербата се враќа само кога граѓаните ќе видат и препознаат дека пораката што ја испратиле навистина пристигнала таму каде што требало да промени нешто.
Сакам да бидам искрен, нашиот проблем не е само во тоа што изгубивме избори во 2024 година и 2025 година. Мислам дека изворот на нашиот проблем е во тоа што сè уште не покажавме доволно убедливо дека сме разбрале зошто ги изгубивме. Премногу енергија трошиме на последиците, без да се соочиме со причините за нив.
Можеби некој ќе коментира дека зборувам фаталистички, но уверен сум дека заканите не пристигнуваат само од политичкиот противник, од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН, ДУИ или не знам која друга партија. Егзистенцијалната закана доаѓа од изгубената врска со дел од граѓаните кои повеќе не нè слушаат со доверба, затоа што дозволивме десницата да ни ги диктира наративите, темите, ритамот, па дури и јазикот со кој се обидуваме да се објасниме себеси.
Социјалдемократијата не може да се објаснува со туѓ речник.
За нашата целна група, ако идеолошки ја дефинираме, неразбирлив е јазикот на страв, опсада, штитови, стражи, велепредавства, груб суверенизам и национално-заштитнички рефлекси. Можеби некои мислат дека на тој начин стануваме поцврсти, но јас мислам дека на тој начин стануваме социјалдемократски меки и ја губиме посебноста, политичката различност. Се губиме во политичката магла која десницата ја посејува во нашето општество.
Нашата задача е поинаква, нашиот јазик е јазикот надостоинството, правичноста, солидарноста, довербата, инклузивноста. Тоа е социјалдемократскиот вокабулар кој ја дефинира политичката култура од која треба да извираат нашите ставови, одлуки.
Кога ќе почнеме да зборуваме на нашиот политички мајчин јазик, тогаш ќе имаме развиена свест дека социјалдемократијата не е само политика што ветува повеќе плати, повеќе услуги, повеќе државна грижа. Додека, пак, кога ќе почнеме и да мислиме на тој јазик, тогаш ќе почувствуваме потреба за силен и артикулиран морален став дека човекот не смее да биде оставен сам пред сиромаштијата, неправдата, болеста, несигурноста, пред партиски заробените институции, пред пазар што не прашува дали има достоинство во работата, туку само дали има профит. Ќе разбереме и дека социјалдемократијата не бара држава што надредено им кажува на луѓето што им треба. Ќе ја почувствуваме како отуѓена идејата за администрација што ги евидентира ранливите, ги класифицира сиромашните, ги дигитализира проблемите и потоа мисли дека ја решила неправдата.
Ќе дојдеме во момент во кој ќе бараме социјалната држава да се развива како партиципативна социјална држава. Држава што слуша, што заедно со луѓето создава политики, во која работникот, младиот човек, жената, пензионерот, лицето со попреченост, самохраниот родител, земјоделецот, наставникот, лекарот, човекот од мало место, човекот што секој ден се бори да го помине месецот, нема да бидат самокорисници на мерки или услуги, туку ќе бидат воздигнати во рамноправни носители на глас во креирањето на политиките.
Нема политика за луѓето без луѓето.
Германскиот социјалдемократ Вили Брант, човек кој ја обновуваше демократијата по авторитарни сенки и поделби, рече: „Да се осмелиме на повеќе демократија.“ За нас денес тоа значи да се осмелиме на повеќе слушање, повеќе самокритика, повеќе учество и повеќе доверба во луѓето.
Дали сме се вратиле кај луѓето за да ги разбереме или само за да им се обратиме?
Дали ги прашуваме различните заедници што значи припадност или само повторуваме дека сме за едно општество за сите?
Различностите се лакмус-тест за тоа дали сме ја разбрале сопствената социјалдемократска идеја.
Далеку од доволно е различностите да бидат дел од програма или поглавје што ќе го читаме кога зборуваме за интеркултурализам, а ќе го заборавиме кога зборуваме за економија, образование, здравство, администрација, култура, локална самоуправа или правосудство.
Прифаќањето на различностите е методот кој ја гради кохезијата во хетерогените општества.
Ако навистина веруваме дека нашата татковина Македонија е заеднички дом, тогаш различностите мора да се препознаваат во секоја политика, во секој политички став или одлука, како партиски, така и државен. Во тоа како се дизајнира јавна услуга и кој добива шанса за работа. Во тоа дали детето од рурална средина и детето од центарот на градот имаат исто право на иднина. Во тоа дали жените се третираат како економски ресурс или како слободни личности со право на моќ, автономија и достоинство. Во тоа дали лицата со попреченост добиваат милост или право. Во тоа дали Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите и сите други се чувствуваат како рамноправни сопственици на заедничката држава.
Јас верувам во општество кое нема да бара од никого да се откаже од себе за да припаѓа.
Но, тоа бара политичка култура која може да се развие и да заживее само со храброст да се признае дека различностите се живеат преку правда, правичност, инклузивност, видливост, достоинство и еднакви можности. Но тие треба прво да почнат да се живеат во партиите, за да може потоа да се живеат и низ институциите на државата.
Во овој контекст, ако во пристапот кон различностите остануваме на истата десничарска траекторија, тогаш нашите зборови на број ќе бидат многу, а промената многу мала. Притоа сведувајќи ги различностите на симболична вредност, а не на принцип кој нè менува како партија, и уште повеќе, не како вредност преку која треба да го менуваме општеството.
Потребна ни е политичка совест. Програмите, слоганите, не се доволни.
Изминативе две години, граѓаните постојано ни повторуваат, дека нешто во нашата врска со нив ни е прекинато, нешто се има испречено. Не нè препознаваат како политички ентитет кој сака да ги слушне.
Социјалдемократската идеја можеби не ја отфрлаат, но не секогаш ја препознаваат во нашето однесување.
И ако ова не го кажеме отворено и по Конгресот, меѓу нас, и ако тоа не нè промени, тогаш Конгресот ризикува да остане уште една пропуштена можност, која ќе треба да ја компензираме со пораки за формална консолидација и сплотеност.
Потребна е морална мобилизација за обнова на нашата внатрепартиска политичка култура. За ова да го постигнеме, не треба критиката да ја прифаќаме како напад или пак на самокритиката да гледаме како израз на слабост.
Лојалноста кон партијата не значи да се молчи пред грешките. Напротив, најголемата лојалност кон социјалдемократската идеја е да не дозволиме таа да се претвори во инерција, навика, затворен круг или политичка форма без жива содржина.
Јас не зборувам од дистанца кон оваа идеја. Зборувам од верност кон неа.
Верувам во социјалдемократија која го брани трудот не само со плата, туку и со глас на работникот во одлуките. Верувам во социјална држава како носител на достоинство на работникот. Верувам во Европа како вредносна дисциплинана владеење на правото, работнички права, еднаквост,солидарност и почит кон различностите. Верувам во зелена транзиција што нема да ги остави работниците да се плашат од иднината, туку ќе ги направи партнери во неа. Верувам во институции што служат, а не владеат. Верувам во партија што слуша пред да зборува, признава пред да обвинува, учи пред да ветува и се менува пред да бара доверба.
Но ако сакаме ова да биде вистина, мора да ја напуштиме политиката на привидна промена.
Ова не го пишувам за кого било да обесхрабрувам. Го пишувам затоа што верувам во вистинска обнова, која ќе се случи, ако најпрво се осмелиме да бидеме искрени кон себе.
Социјалдемократската идеја не ја губи својата сила. Може да слабее само политиката што ќе престане вредносно да се преиспитува и да се менува.
Затоа по овој Конгрес треба да остане многу повеќе од усвоена програма. Треба да остане порака дека лекцијата е разбрана. Потребна е одлучност довербата повеќе да не ја чекаме, туку да ја заслужуваме. Потребно е да се отвориме и различностите да ги вратиме во темелите на партијата. Потребно е да го напуштиме десничарскиот јазик и повторно да прозбориме на нашиот мајчин, социјалдемократски јазик.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.








