Австриските власти се пред тешка задача да расветлат еден од најмистериозните случаи во последните години, откако тело на 99-годишна жена беше пронајдено забетонирано во ѕид во семејна куќа во градот Минхендорф, на југот на Долна Австрија во близина на Виена.
Сè почнало вечерта на 28 мај, кога полицијата и пожарникарите ја отвориле вратата на куќата по пријава за исчезната старица. За време на претресот со полициски кучиња, во ѕидот се пронајдени посмртните останки на старицата, која за два месеца требала да наполни 100 години. Според првичните информации, остатоците биле во напредна фаза на распаѓање, но истражителите сè уште не можат да кажат колку долго телото било заѕидано во куќата. Според австриските медиуми, можно е жената да починала пред неколку години.
Во тек е потрага по нејзиниот син, кој според соседите, иако наводно живее во странство, повремено доаѓа да го одржува дворот.
Една од теориите што ги истражуваат надлежните органи е поврзана со потенцијална измама поврзана со исплатата на пензијата. Доколку се потврди дека жената починала пред многу години и нејзината смрт не е пријавена, постои можност пензиските бенефиции да продолжиле да се слеваат на нејзината сметка.
Поради состојбата во која е пронајдено телото, експертите предупредуваат дека утврдувањето на точните околности на нејзината смрт ќе биде исклучително комплицирано. Освен за природна, постои сомнеж и за насилна смрт. Во расветлувањето на овој мистериозен случај што ја вознемири австриската јавност, се очекува да помогнат сослушувањата на членовите на семејството и роднините.








