Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) го советуваше претседателот Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора на самитот ЕУ-Западен Балкан од безбедносни причини поради сознанијата дека таму се наоѓа водачот на криминалниот кавачки клан Радоје Звицер.
„Поради непријателското дејствување на странски служби и криминални кланови во Црна Гора, Безбедносно-информативната агенција официјално го советуваше претседателот на Република Србија да не патува во Црна Гора бидејќи беше утврдено дека постои висок безбедносен ризик. Според нашите оперативни сознанија, Радоје Звицер, водачот на кавачкиот клан, се наоѓа во Црна Гора“, соопшти БИА.
Според претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ, Вучиќ бил решен да учествува на самитот, иако и таа го убедувала да откаже.
„Сериозно сум загрижена, но тој не сака ни да чуе за откажување на патувањето во Црна Гора. Не постои никаква шанса да го убедам да не оди. Сè навестува дека не е безбедно тој да патува во Црна Гора“, кажа Брнабиќ.
Министерството за надворешни работи на Црна Гора објави дека во пресрет на самитот во Тиват, „прави сè за да ги пречека нашите пријатели, сојузници и партнери на највисоко ниво и да обезбеди успешно и достоинствено одржување на овој важен меѓународен настан за нас“. Најавено е дека самитот ќе го обезбедуваат над 1.500 полицајци.
ЦРНА ГОРА ВРАТИ ЧАРТЕР ЛЕТ ОД СРБИЈА СО 87 СОМНИТЕЛНИ ЛИЦА, НАВОДНО ТРЕБАЛО ДА ГО ОБЕЗБЕДУВААТ ВУЧИЌ НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН
Ова следува откако црногорските власти вчера не им дозволија на речиси 90 српски државјани да влезат во земјата и по неколкучасовно задржување на аеродромот во Тиват, ги вратија назад во Белград. Весникот „Вијести“ објави дека авионот на „Ер Србија“ бил задржан на пистата заради детална проверка на патниците, кои повеќето биле млади, набилдани и тетовирани и не сакале да ѝ кажат на полицијата зошто дошле во Црна Гора. „Вијести“ исто така објави дека според податоците на полицијата, повеќето од патниците имале криминално досие и имале задача неформално да го обезбедуваат Вучиќ на самитот.








