Истражувачите и демографите ги нарекоа „генерација бета“ децата родени од 1 јануари 2025 до 31 декември 2039 година. За разлика од постарите генерации, кои се приспособиле на новите технологии, децата од генерацијата бета се сметаат за „дигитални староседелци“ родени во свет во кој вештачката интелигенција и предвидливата генеративна технологија се беспрекорно интегрирани во секојдневниот живот, образованието и во здравствената заштита. Експертите велат дека, можеби, најважно е да се подготват децата да бидат љубопитни, приспособливи и подготвени да учат во текот на целиот свој живот
Тие само што почнаа да се раѓаат и сите имаат шанса да го доживеат новиот милениум. Нивни родители се помладите милениумци и постарите од генерацијата зет. Ги сметаат за зора на новата ера.
Тоа е генерацијата бета, наречена по логиката дека доаѓаат по генерацијата алфа. Истражувачите и демографите со тоа име ги означуваат родените од 1 јануари 2025 до 31 декември 2039 година. Сите досегашни генерации означени со некое име – од бумерите до алфа – се разликувале од претходните, но, според научниците, оваа генерација која штотуку почна да стигнува ќе биде сосема, сосема поинаква. Експертите сè повеќе предупредуваат дека таканаречената генерација бета нема да живее според правилата со кои пораснале претходните. Начинот на учење, работа, заработка, па дури и пензионирање би можел целосно да се смени под влијание на вештачката интелигенција и забрзаниот технолошки развој. За разлика од постарите генерации, кои се приспособиле на новите технологии, децата од генерацијата бета се сметаат за „дигитални староседелци“ родени во свет каде што вештачката интелигенција и предвидливата генеративна технологија се беспрекорно интегрирани во секојдневниот живот, образованието и во здравствената заштита.
Многу невролози, истражувачи и експерти за образование веруваат дека родителите денес прават голема грешка со тоа што продолжуваат да ги подготвуваат децата за систем што полека исчезнува. Со години, правилото беше дека е доволно да се студира, да се заврши факултет и да се најде стабилна работа што ќе трае со децении. Сепак, светот во кој влегуваат идните генерации ќе биде многу понепредвидлив, со постојани промени и потреба од континуирано учење во текот на целиот живот, наведува Нова.рс.
Наместо да се потпираат на готови одговори, експертите тврдат дека најголема вредност ќе биде способноста да се поставуваат вистинските прашања, да се размислува критички и брзо да се приспособува на новите околности. Децата од иднината ќе мора да научат како да ги разликуваат вистинските информации од содржината генерирана од вештачката интелигенција, но и како да развиваат емоционална интелигенција, комуникација и креативност, особини што машините сè уште не може лесно да ги заменат.
Истражувачите од МИТ и Стенфорд наведуваат дека класичниот училиштен модел повеќе нема да биде доволен. Математиката и читањето сè уште ќе бидат важни, но фокусот на образованието ќе се префрли кон практичните вештини, решавањето проблеми и способноста за соработка со луѓе од различни култури и потекло. Во постојано менувачки свет, отпорноста на стрес и способноста за брзо приспособување ќе станат исто толку важни како и академското знаење, според истражувањето на Универзитетот „Корнел“ во научна студија објавена на научната платформа „Архив“.
Ако генерацијата зет пораснала со Интернет, а генерацијата алфа со таблети и паметни уреди, тогаш генерацијата бета ќе биде првата што ќе живее во свет каде што вештачката интелигенција е присутна речиси насекаде. Од образованието и медицината до транспортот и комуникацијата, системите со вештачка интелигенција ќе бидат дел од секојдневниот живот до тој степен што избегнувањето на технологијата ќе изгледа речиси незамисливо. Промените особено ќе влијаат на пазарот на трудот. Традиционалните канцеларии веќе полека ја губат својата важност, а експертите предвидуваат дека во иднина работата ќе биде дефинирана повеќе од дигиталните алатки и глобалните мрежи отколку од физичките простории. Тимовите ќе бидат формирани привремено за специфични проекти, луѓето ќе соработуваат со колеги од различни делови на светот, а класичното работно време и долгорочното вработување ќе станат многу поретки отколку денес.
Според процените на консултантската фирма „Мекинзи“, помеѓу 40 и 60 проценти од сегашните работни места би можеле да исчезнат или да бидат толку променети што ќе станат непрепознатливи до 2035 година. Токму затоа многу експерти веруваат дека многуте години образование за една професија повеќе нема да гарантираат сигурна иднина. Наместо тоа, образованието ќе биде пофлексибилно и ќе се базира на пократки курсеви, практични проекти и на континуирано подобрување на нови вештини. Идните генерации, веројатно, нема да имаат само една професија во својот живот. Сè повеќе се зборува за модел во кој луѓето ќе менуваат повеќе кариери и ќе комбинираат различни извори на приход. Истото важи и за пензискиот систем, кој е создаден во време кога работеле луѓето од младоста до шеесеттите години, а потоа се пензионирале за релативно кратко време. Со напредокот на медицината и со зголемувањето на животниот век, многумина веруваат дека децата родени денес ќе живеат до 90 или дури 100 години. Ова значи дека моделот каде што некој работи едно нешто четириесет години, а потоа добива пензија со децении станува финансиски тежок за одржување. Наместо јасна граница помеѓу работата и пензионирањето, иднината би можела да донесе повеќе транзиции, повремени паузи, промени во кариерата и пофлексибилни начини за заработка за живот.
Сето ова не значи дека целосно ќе исчезнат училиштата, колеџите или традиционалните професии, но укажува дека општеството ќе се промени многу побрзо отколку порано. Токму затоа експертите велат дека, можеби, најважно е да се подготват децата да бидат љубопитни, приспособливи и подготвени да учат во текот на целиот свој живот, бидејќи овие квалитети ќе го одредат успехот во светот што доаѓа.








