Советот на Европската Унија го усвои третиот пакет за билатерална помош во рамките на Европскиот мировен фонд во вредност од 21 милион евра за поддршка на вооружените сили на Албанија, со што вкупната поддршка за земјата досега достигна 49 милиони евра.
Според соопштението на Советот на ЕУ, целта на мерката е да се зајакнат одбранбените капацитети на Албанија и да се подобри способноста на нејзините вооружени сили да учествуваат во меѓународни операции и мисии навремено и ефикасно, вклучително и во Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, оцени дека Албанија е „близок и сигурен партнер“ и „посветен сојузник на НАТО“, нагласувајќи дека зајакнувањето на соработката придонесува за европската стабилност и безбедност.
Одлуката следи по потпишувањето на Договорот за партнерство за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Албанија во декември 2024 година, како и дијалозите за безбедност и одбрана одржани во април 2025 и 2026 година. Новиот пакет предвидува испорака на лесни оклопни повеќенаменски возила, тактички и инженерски возила, како и сродна опрема, обука и услуги за одржување за потребите на албанските вооружени сили.
Европскиот мировен фонд, основан во 2021 година, ѝ овозможува на ЕУ да го финансира зајакнувањето на одбранбените капацитети на трети земји и меѓународни организации со цел да се зачува мирот и стабилноста, се додава во соопштението на Советот на ЕУ. Претходно беа одобрени два пакета помош во вредност од 13 милиони евра и 15 милиони евра за Албанија.








