Неодамна полицијата во Тетово откри случај во кој 23-годишна жена од Скопје објавувала лажни огласи на социјалните мрежи за изнајмување станови во Тетово. Таа ги контактирала жртвите преку телефон и им барала да уплатат пари однапред, најчесто преку трансакциска сметка или во готово. Откако жртвите ги уплатувале средствата, „сопствениот“ стан што го рекламирала – не постоел или не бил достапен- ова е еден од многуте примери на онлајн измама кои се шират преку социјалните мрежи и ги лажат граѓаните.
Проблемот со он лајн измамите на социјалните мрежи ја натера Европската организација на потрошувачи – BEUC, заедно со 30 организации од 27 земји, поднесе жалба против Meta, TikTok и Google до Европската комисија и националните регулатори, обвинувајќи ги дека не преземаат доволно мерки за спречување на измамнички финансиски реклами на нивните платформи.
Во акцијата се вклучи и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), која предупредува дека стотици сомнителни реклами и понатаму се активни и секојдневно допираат до луѓето.
Според податоците од истражувањето на BEUC, во периодот од декември 2025 до март 2026 година биле пријавени речиси 900 реклами за кои постои сомнеж дека ги прекршуваат европските правила. Од нив, платформите отстраниле само 27 проценти, додека повеќе од половина – 52 проценти – биле игнорирани или одбиени. Потрошувачките организации предупредуваат дека ваквите реклами најчесто нудат „брза заработка“, лажни инвестициски шеми, крипто-понуди и различни финансиски услуги кои ги наведуваат граѓаните да вложат пари, по што остануваат без своите заштеди.
„Meta, TikTok и Google не само што не ги отстрануваат измамничките реклами, туку често не реагираат ниту кога ќе бидат директно предупредени за нивното постоење. Ако не се преземат сериозни мерки, измамниците ќе продолжат секојдневно да ги мамат европските потрошувачи и да им нанесуваат загуби од стотици или илјадници евра“, предупредуваат од ОПМ.
Жалбата се темели на одредбите од европскиот Закон за дигитални услуги (DSA), кој ги обврзува големите дигитални платформи да воспостават ефикасни механизми за откривање и отстранување на штетни и измамнички содржини, како и да ги намалуваат ризиците за корисниците. Организациите бараат ЕК да спроведе истрага за тоа како платформите управуваат со финансиските измами и дали ги исполнуваат законските обврски. Доколку се утврди непочитување на правилата, се бара и изрекување санкции.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) дополнително предупредуваат дека најчесто кај продажбата што е застапена на социјалните мрежи, потрошувачите се соочуваат со голем број измами.
„Продажбите на социјалните мрежи, кои не се регистрирани фирми, немаат седиште, не нудат можност за плаќање преку трансакциска сметка или банка и не издаваат фискална сметка, фактура, гарантен лист или друга техничка документација – претставуваат класични онлајн измами, во кои потрошувачот е најчесто оштетена страна. При онлајн купувањето, потрошувачите треба однапред да проверат дали продавницата е регистрирана, дали има седиште или физичка продавница, дали овозможува сигурно плаќање и дали издава валидна потврда. Исто така, не треба да подлегнуваат на заведувачки реклами како ‘само денес попуст’ или ‘гратис понуди’, и да внимаваат на давање лични податоци,“ велат од ОПМ. (П.А.)








