Во популарниот црногорски туристички град Улцињ се воведени нови правила за однесување на јавни површини, а туристите кои нема да ги почитуваат може да се соочат со високи парични казни.
Општинските власти донеле одлука со која се забранува движење во костими за капење или без облека надвор од плажите и капалиштата. Новите мерки се однесуваат на улици, плоштади, шеталишта, паркови и пешачки зони во градот и околните туристички места.
Со оваа одлука, локалните власти сакаат да го зачуваат комуналниот ред, изгледот на градот и достоинството на јавните простори, пренесуваат локалните медиуми.
Правилата нема да важат за плажите и крајбрежниот појас, каде посетителите и понатаму ќе можат слободно да носат костими за капење.
За прекршување на новите правила се предвидени казни од 150 до 500 евра.








