Австриските судски власти спроведуваат истрага против еден австриски и еден германски државјанин, под сомнение дека учествувале како „снајпер-туристи“ во пукањето врз цивили за време на опсадата на Сараево во периодот од 1992 до 1996 година, објави „Кронен цајтунг“.
Австрискиот државјанин е осомничен дека патувал во Сараево за време на војната за да пука врз цивилното население од позициите на српската армија и нејзините придружни паравоени единици. Оваа истрага беше поведена откако слични постапки против италијански државјани се водат со месеци во Италија.
Овие аранжмани беа маскирани како комерцијални ловни тури на Балканот наречени „снајперски сафари“. Поттик за поведување истраги и пронаоѓање сведоци беше документарниот филм „Сараево Сафари“, од словенечкиот режисер Миран Зупанич од 2022 година, базиран на изјавите на анонимни вработени во разузнавачките служби. Постапката во Италија беше поведена по кривичната пријава од миланскиот писател и истражувачки новинар, Ецио Гавацени, кој напиша и книга за тоа. Во февруари, во интервју за австриската новинска агенција АПА во Рим, Гавацени јавно ги повика властите во Австрија и Германија исто така да поведат истраги и да го проверат учеството на своите граѓани во тие напади.
Првите медиумски извештаи за пристигнувањето на странски туристи снајперисти на бојното поле беа забележани во два италијански дневни весници уште во 1995 година. Според собраните податоци од книгата и филмот, учесниците во овие тури биле исклучиво богати странски државјани кои плаќале и до 300.000 евра за еден викенд на позиции околу Сараево, објави „Кронен цајтунг“. Истрагата покажува дека мотивите на сторителите не биле од политичка или религиозна природа, туку дека тие биле луѓе кои обожавале оружје и за кои пукањето во луѓе, вклучувајќи жени, стари лица и деца, било забава и нешто како видеоигра.








