Подготовките за 39. издание на „Фолк-фест Валандово 2026“ се прикрај. За новата модерна сцена, фестивалската магија, песните и за големите очекувања разговараме со Ѓоко Павлов, технички директор на „Фолк-фест Валандово“, функција што е една од трите најважни, можеби и најважна во реализацијата на оваа значајна македонска манифестација
0 Како валандовчанец и човек што е дел од самиот врв на организацијата, што за Вас лично значи „Фолк-фест Валандово“? – За мене, како валандовчанец, „Фолк-фест Валандово“ не е само фестивал туку и дел од нашиот идентитет, нашата традиција и колективна емоција. Со фестивалот растеле генерации, а секој валандовчанец има своја приказна поврзана со сцената, песните и со атмосферата што ги носи тој. И како што велиме ние овде, и ѕидовите дишат со музика и песна, бидејќи сонцето во медитеранско Валандово поинаку свети.
0 Вие сте еден од тројцата најодговорни луѓе за реализацијата на фестивалот. Која е конкретно Вашата улога како технички директор? – Како технички директор на „Фолк-фест Валандово“, мојата улога е фестивалот технички и организациски да функционира беспрекорно – од првиот ден на подготовките, па сè до завршувањето на последната фестивалска вечер. Тоа подразбира координација на целокупната техничка реализација: сцена, озвучување, осветлување, видеопродукција, електрика, сценографија, логистика, протокол, проби и усогласување на сите технички тимови што работат зад сцената. Практично тоа значи дека мојата задача е сè што гледа и слуша публиката да биде организирано навремено, професионално и без застој. Воедно, техничкиот директор е врската помеѓу организацијата, изведувачите, продукцијата и институциите.
0 На само една недела пред фестивалот, дали сè оди според планот и колку сте задоволни од досегашниот тек на организацијата?
– Можам да кажам и да се пофалам дека подготовките се одвиваат според предвидената динамика. Во овој момент, најголемиот дел од организациските и од техничките активности се во завршна фаза. Секако, кога станува збор за фестивал од рангот на „Фолк-фест Валандово“, секогаш постојат ситни детали и последни координации што се решаваат буквално до самиот почеток, но тоа е нормален дел од фестивалскиот процес. Работиме интензивно за публиката да добие квалитетен фестивал, добра продукција и атмосфера каква што заслужува Валандово. Она што особено радува е што дише мајскиот фестивалски дух во градот. Интересот кај публиката, кај медиумите и кај учесниците е голем. Тоа дополнително ни дава мотив сè да биде реализирано на високо професионално ниво.
0 Публиката секоја година очекува спектакл, па што е тоа што го подготвувате годинава од технички аспект, каква сцена, светло и тон ќе имаме на „Фолк-фест Валандово 2026“?
– Оваа година „Фолк-фест Валандово“ ќе понуди современ и визуелно впечатлив фестивалски изглед, а притоа ќе ги задржи својот препознатлив дух и традицијата. Подготвуваме модерно сценско решение со значително подобрено осветлување, динамични светлосни ефекти, квалитетен светски звук и светска видеопродукција, кои ќе овозможат публиката да ужива во секој момент од фестивалот, без разлика дали е присутна на самата локација во салата „Јанко Узунов“ или го следи преку телевизиски пренос или социјалните мрежи. Особено внимание ѝ се посветува на тонската продукција, бидејќи музиката е суштината на фестивалот. Работиме на тоа секој изведувач да има максимално квалитетни услови на сцената, а публиката да добие чист, моќен звук. Нашата крајна цел е секоја година да се подигнува нивото на „Фолк-фест Валандово“, кој продолжува да расте како еден од најзначајните музички фестивали во Македонија и пошироко на Балканот.
0 Колку луѓе ќе бидат ангажирани зад сцената, мислам на шминкери, фризери, техничари, сценски работници, помошници водители?…
– Зад сцената на „Фолк-фест Валандово“ оваа година ќе бидат ангажирани околу 80 луѓе, што покажува колку е комплексна организацијата на еден ваков фестивал. Тука се вклучени техничари за тон и светло, видео и сценска продукција, камермански тимови, сценски работници, обезбедување, шминкери, фризери, гардеробери, хостеси, логистика, протокол и многу, многу други луѓе кои публиката најчесто не ги гледа, а без кои фестивалот не би можел да се замисли. Секој од нив има многу важна улога и буквално работи како дел од еден огромен тим. Токму тие луѓе се невидливите херои на фестивалот. Публиката ги гледа сцената и финалниот резултат, но зад секоја успешна фестивалска вечер стојат многу труд, концентрација и тимска работа од вистински професионалци. Нашата цел е секој учесник да почувствува дека е дел од сериозен и добро организиран фестивал. „Фолк-фест Валандово“ има голема традиција и токму затоа се трудиме сите, и изведувачите и гостите, сосе новинарите, да понесат одлични впечатоци од Валандово.
0 Колку е подготвен градот Валандово да ги пречека гостите, туристите, новинарите и љубителите на македонската песна?
– Валандово секогаш знаело како да ги пречека гостите кога станува збор за „Фолк-фест Валандово“. Во текот на фестивалските денови, градот живее во еден посебен ритам. Насекаде се чувствуваат музиката, енергијата и гостопримството по кое е препознатливо Валандово. Се прават максимални напори сè да биде добро организирано за да имаат изведувачите, новинарите, гостите и посетителите убаво фестивалско чувство. Голема улога имаат и локалните институции, угостителите, волонтерите и сите луѓе што на некој начин се вклучени во фестивалската атмосфера. Но ако зборуваме најискрено, мислам дека на градот Валандово навистина му е потребен еден современ хотелски комплекс, каков што има во блискиот Дојран. Фестивал со ваква традиција и со вакво значење заслужува посериозен сместувачки капацитет, кој дополнително би го подигнал нивото на организација и би овозможил уште поголем развој на фестивалскиот и на туристичкиот потенцијал на градот. И за крај, најважно е учесниците, гостите и новинарите да заминат со насмевка, со песна што ќе им остане во срцето и со чувство дека доживеале искрена фестивалска атмосфера. „Фолк-фест Валандово“ отсекогаш бил повеќе од музички настан. Тој е спомен, традиција и емоција што ги поврзува генерациите. И ако само една, две, три песни продолжат долго со години да се пеат во народот, тогаш значи дека сме ја исполниле нашата мисија.








