Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, опишан од „Тајмс оф Израел“ како политичар со антиизраелски ставови, наводно одбива да одобри назначување на нов израелски амбасадор во Загреб веќе седум месеци, поради конфликт со хрватската десничарска влада околу надворешната политика, пренесуваат медиумите.
Според израелскиот портал „Ynet“, Нисан Амдур, кој беше одобрен во ноември како замена за сегашниот амбасадор Гари Корен, ќе пристигне во Загреб само како вршител на должноста по истекот на неговиот мандат на крајот од месецот, што не бара одобрение од претседателот.
„Ynet“ наведува дека одбивањето на Милановиќ да го потврди мандатот на Амдур е првиот случај во кој хрватскиот претседател не прифатил странски амбасадор и дека тоа претставува сериозно кршење на дипломатскиот протокол.
Претседателот Милановиќ издаде соопштение за овие обвинувања.
Следејќи ја добрата дипломатска пракса, Канцеларијата на претседателот на Република Хрватска јавно не коментирала за ниту еден предлог од земја во врска со назначувањето амбасадор во Република Хрватска. Државата Израел го прекрши ова непишано правило и го објави името на предложениот амбасадор, иако тој не доби согласност од претседателот на Република Хрватска.
Во врска со постапките на израелската страна, Канцеларијата на претседателот на Републиката потврдува дека предложениот амбасадор на Државата Израел не добил, ниту ќе добие согласност од претседателот на Републиката, Зоран Милановиќ, поради политиката на сегашната израелска влада.
Давањето или одбивањето на согласност за предложените амбасадори е суверено право на Република Хрватска и за тоа одлучува претседателот на Републиката. Секој јавен или политички притисок, во овој случај од израелска страна, нема да ја промени одлуката на претседателот на Републиката“, се вели во соопштението.








