Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска учествува на дводневниот состанок на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа кој се одржува во Сараево.
Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа е одговорна за следење на исполнувањето на обврските и заложбите на земјите членки кон Советот на Европа на полето на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Комисијата ги следи политичките и институционалните случувања во земјите-членки, води дијалог со националните власти и ги оценува реформите поврзани со демократското управување, судската независност, уставните прашања и заштитата на основните права.
На состанокот во Сараево, се разгледува состојбата со демократските институции, судските реформи и усогласеноста со обврските и заложбите кон Советот на Европа, и тоа за Грузија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Шпанија и Полска.
Состанокот предвидува и семинар на тема: „Уставни договори за поделба на власта и демократски принципи“, за демократското управување и институционалната рамнотежа во сложените политички системи.
Членовите на Мониторинг комисијата ги номинираат политичките групи застапени во Парламентарното собрание, а процесот на назначување е конципиран да гарантира непристрасност, политички плурализам и балансирана географска застапеност.








