Ќе има ли домашни овошки на пазарот е неизвесно. Пролетниот мраз во источниот и североисточниот дел, уништи значаен дел од родот. Најпогодени се произведувачите на цреши, кајсии, ореви. Речиси целокупниот род од раните сорти настрада, на само неколку седмици пред берба. Веќе неколку години овоштарот Чедо од кумановски Косматец, се соочува со штети. И годинава мразот му уништи поголем дел од овоштарникот на кој одгледува 11.000 цреши и над 2.000 кајсии. Очекувал успешна година со над 200 тони, со кои би го снабдувал регионот.
„Штетата е голема, не знам ниту јас да кажам колкава е штетата, важно мразот 20 дена пред берба ни уништи се. Минатата година мразот 100 посто во цветање не уништи, немаше ниту кајсија ништо, еден два тони цреши имаше да ги собереш на сто дрва две цреши. Оваа година беше добра, род се гледа колку има но мразот направи голем проблем. Се мислев како ќе ги продадам, пред време ги обравме“, истакна Чедо Ангеловски, овоштар с. Косматац, кумановско.
Овој произведувач немал можност да се обиде да го заштити родот, бидејќи прогнозата затаила.
Штетите од пролетниот мраз не се само за овоштарите и нема да останат на нивите. Последиците ќе се почуствуваат и на пазарот, понудата ќе биде помала а може да се очекува и раст на цените на овошјето.
Од Комисијата за проценка и утврдување на вистина на штети од природни непогоди и други несреќи на територија на Општина Куманово, потврдуваат дека периодов пристигнале пријави до нив. Истите се обработуваат. Претходно биле евидентирани две. Лани бележат 14 пријави за штети на земјоделски површини.








