Инцидент се случил денеска на аеродромот во Сплит, каде авион на Croatia Airlines излетал од пистата за време на полетувањето.
Според првичните информации, авионот Airbus A220-300 со регистрација 9A-CAN требало да го реализира редовниот меѓународен лет OU412 на релација Сплит – Франкфурт, но полетувањето било прекинато од засега непознати причини. Авионот завршил на тревната површина покрај пистата.
Во авионот имало 130 патници и пет членови на екипажот, односно двајца пилоти и тројца членови на кабинскиот персонал. Од Croatia Airlines информираат дека нема повредени и дека сите патници безбедно го напуштиле авионот.
Од компанијата соопштија дека екипажот постапил согласно безбедносните процедури и навремено го запрел авионот. Патниците моментално се наоѓаат во терминалот на аеродромот во Сплит, каде им се обезбедува поддршка за продолжување на патувањето.
Croatia Airlines соопшти дека е во постојана координација со аеродромот во Сплит и надлежните служби, а повеќе информации ќе бидат објавени по завршување на првичните проверки и официјалните постапки.








