Со појавата на вирусна болест што ги напаѓа домашните и дивите свињи, „Африканска свинска чума“, променет е животот на многу селани кои ги одгледувале истите. Невенка Милева од с. Уларци ни раскажа за времето кога одгледувала прасенца, кога се чувале, се растеле и со гордост се носеле на пазар. Сега вели дека се е променето, дека болеста кај свињите им го променила животот и им ја одзеле навиката што со децении ја имале. Во нејзините зборови има и тага и прифаќање, дека селото веќе не живее како порано.
„Епа порано чувавме и прасенца сами дома си чувавме чувавме и по две женски свињи по две, па се опрасат па ги носиме на пазар и ги продаваме а сега нема, не продаваме, ниту чуваме, забранија. Почна да ги фаќа болест, штом ѓи фаќа болест и не можеш да чуваш. Откако болеста се појави, ги наредивме и три свињи заклавме во два дена, во два дена ги заклавме, моравме, инаку ќе ѓи убиеја и фрлеа, тие не беа болни, но забрана ни дадоа, и така. Чувавме и прасенца и тоа со години, јас 50 години како сум овде и сме чувале свињи, гудиња поголеми, продававме и си земавме по некој денар за да си живееме, инаку немаше од што друго да се заработува. По 2500 до 3000 денари, зависи како си го исчуваш, какви се прасенцата, имавме ние многу убави прасенца, најубави прасенца имавме на пазарот. Кога ќе ги ставев во приколицата, како дечиња едно врз друго си легнат и кога ќе дојдат да го купат во раци му го даваме прасенцето. Забрането е, овде во нашето маало никој не чува. Чуваме по некоја кокошка, да имаме јајца, ако немаме месо пак ќе си купиме. Си чуваме маченца, кучиња и тоа се занимаваме, онака гудиња нема, гудињата ни беа многу убави.“, вели Милева
Во зборовите на Милева се чувствува топлината на едно време кога прасињата не биле само стока, туку дел од секојдневниот живот и гордоста на селото. Денес останува тивка носталгија.
Денес, со стравот од болест, останува само сеќавањето и навиката да се живее поскромно и како што ни нагласи таа, во моментот одгледуваат само кокошки и занимација пронаоѓаат во двор исполнет со мачиња и кучиња.








