„До Левица пристигнаа вознемирувачки сведоштва од пациенти кои со години се лекуваат на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, а кои укажуваат на целосен колапс на основното функционирање на оваа јавна здравствена установа. Информациите до нас откриваат дека пациентите се соочуваат со недостиг од терапии, како и со недостиг од најосновни медицински материјали – шприцеви, стерилни ракавици, средства за дезинфекција и кеси за венепункција“, велат од партијата Левица.
„Особено загрижувачки се наводите дека на клиниката е воспоставен понижувачки и опасен систем на „штедење“, каде лекарите се принудени за секоја терапија и интервенција да бараат одобрување од директорката Соња Генадиева Ставриќ преку телефонски повици и вибер пораки. Со ова, директно се суспендира стручниот авторитет на лекарите и се воведува недозволиво менаџерско самоволие во процесот на лекување.
Според сведоштвата на пациентите, директорката Генадиева-Ставриќ произволно кратела терапии спротивно на медицинските индикации, при што пациенти на кои им биле потребни 10 ампули терапија добивале дозвола само за 3, со апсурдни инструкции да примаат „половични дози“.
Левица го повикува директорот на Државниот здравствен инспекторат, Кирил Лазов веднаш да иницира вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбата со терапиите, набавките и начинот на носење одлуки за лекување на оваа клиника.
Доколку овие застрашувачки наводи се точни и директорката на Клиниката за хематологија штеди ресурси на сметка на животот и здравјето на пациентите, тогаш станува збор за тешко кривично дело за кое мора да има одговорност“, соопштуваат од Левица.








