Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја пофали посветеноста на Црна Гора кон Алијансата и истакна дека регионот на Западен Балкан останува стратешки важен за НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Подгорица ја пофали улогата на Црна Гора во Алијансата, нагласувајќи дека земјата издвојува повеќе од два проценти од својот БДП за одбрана. По средбата со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, Руте изјави дека Црна Гора активно придонесува за мирот и стабилноста на Западен Балкан, регион што го оцени како стратешки важен за НАТО.
Руте порача дека во услови на војната во Украина и зголемени геополитички тензии, сојузниците мора да продолжат да инвестираат во сопствената безбедност.
„Додека Русија ја продолжува својата агресивна војна, а Кина станува поагресивна, клучно е сојузниците да инвестираат во својата безбедност за да се спротивстават на малигните влијанија. Ѝ благодарам на Црна Гора за нејзината континуирана помош на Украина — сите треба да направиме повеќе“, рече Руте.
Тој нагласи дека НАТО во моментов е силна Алијанса и дека заедничката одлука за зголемување на трошоците за одбрана е важна за иднината на колективната безбедност.
„Што се однесува до иднината на НАТО, охрабрен сум. Колективно одлучивме да ги зголемиме трошоците за одбрана на пет проценти. Важно е да инвестираме повеќе за сопствената одбрана. НАТО е исклучително силен во овој момент“, изјави Руте.
Двајцата соговорници се осврнаа и на претстојниот самит на НАТО во Анкара, кој, како што беше посочено, ќе биде важна платформа за демонстрирање на единството на Алијансата.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ најави дека Црна Гора влегува во период на поголеми воени инвестиции и дека во јуни се очекува меѓувладин договор со Соединетите Американски Држави.
„Големи денови ја очекуваат црногорската армија и затоа мислам дека ќе бидеме многу подобар и попродуктивен член на НАТО“, рече Спајиќ.
Тој ја опиша Црна Гора како „Западен Балкан во минијатура“, посочувајќи дека токму нејзината внатрешна разновидност може да биде предност во регионалната стабилност.
„Немаме етничко мнозинство, можеби сме единствената земја во Европа без етничко мнозинство, но тоа не е наша слабост, тоа е нашата сила. Од таа позиција, можеме значително да придонесеме за Западен Балкан, смирувајќи ја ситуацијата, поврзувајќи се едни со други и подобро разбирајќи се“, нагласи Спајиќ.
За време на посетата на Црна Гора, Руте треба да се сретне и со претседателот Јаков Милатовиќ, а предвидено е да одговара и на прашања на студенти на црногорскиот државен универзитет.








