Според Тања Ристевска-Оловска, генерален проблем е неодговорното сопствеништво.
– За жал, свеста кај сопствениците кои чуваат миленици е многу ниска и секојдневно се соочуваме со напуштање на миленици, најмалку по десет кучиња дневно – вели Ристевска-Оловска.
Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина, Влатко Илиевски, додаде дека со новата стратегија ќе се направи обид да се применат нови индикатори, со кои ќе се следи проблемот.
– Ќе се обидеме да покажеме некакви мерливи индикатори, кои мора да ги следиме во континуитет, за да знаеме како се развива популацијата на кучиња во Македонија – нагласи Илевски
Единаесетте општини од Источниот плански регион (ИПР) во Штип беа на средба со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарството (АХВ), Ветеринарниот факултет, како и од Ветеринарната комора и граѓански организации, со цел да се направи Стратегија за справување со бездомните животни.
Осумте плански региони во државата ќе направат посебни стратегии, од кои потоа ќе се изготви Националната стратегија за справување со бездомните животни, најави Тања Ристевска-Оловска, раководител на Секторот за инспекциски надзор во АХВ. Таа вели дека прво ќе се прави анализа и мапирање на состојбата на терен, по што ќе се изработат насоки и мерки за секој регион поединечно.
– Вклучувањето на овие институции е неопходно за да се реши проблемот и конечно имаме пристап во кој, на почетокот, оваа работна група ќе направи мапирање или, поточно, анализа. Ние одиме по терен, сега сме во Источниот Регион, од кој присутните и локалната самоуправа ќе добијат насоки како да ги изработат овие податоци, врз кои ќе се направи детална анализа, како и Стратегија за тој регион, затоа што секој регион си е посебен. Можам да кажам дека во сите региони, проблемот е еден, генерален – неодговорното сопствеништво, за жал, свеста кај сопствениците кои чуваат миленици е многу ниска и секојдневно се соочуваме со напуштање на миленици, најмалку по десет кучиња дневно – вели Ристевска-Оловска.
Професорот на Факултетот за ветеринарна медицина, Влатко Илиевски, додава дека новиот Закон предвидува драконски казни за напуштање миленици, мачење и сл. Според него, важно е најпрво да се смени перцепцијата во нашето општество.
– Во оваа нова стратегија се обидуваме да примениме нови индикатори, со кои ќе го следиме овој проблем. Перцепцијата е од аспект да ги следиме изворите на нови кучиња, заради тоа што цело време зборуваме за безбедна популација, а воопшто не обрнуваме внимание на вкупната популација во државата, особено во општините. Во новата стратегија, ќе се обидеме да покажеме некакви мерливи индикатори, кои мора да ги следиме во континуитет, за да знаеме како се развива популацијата на кучиња во Македонија – рече Илевски.
Тој посочи дека од 2018 година се врши микрочипирање и тоа чипирање треба да биде јавно за сите релевантни институции, а општините да знаат колкав број бездомни кучиња имаат и во кој правец се развива тој број. Илиевски забележа дека општините, но и регионот, доколку сакаат да прават стационар за бездомните кучиња, мора да го знаат бројот на кастрирани и нестерилизирани кучиња и колкава е нивната фреквенција, за да знаат колку нови бездомни животни ќе се појават во наредниот период.
– Потоа, треба да имаме и посебна Стратегија за руралната популација и за руралните средини кои исто така имаат кучиња што воопшто не се под ветеринарен надзор и тоа мора да го ставиме како посебна алатка во целиот систем. Нашата култура на живеење е дека знаеме оти секоја рурална средина има кучиња на фарма. Или кој било друг објект на село мора да има кучиња. Но, тие мора да бидат под надзор и да знаеме како се размножуваат, како се движи нивниот број за да може да спречиме нови појавувања на кучиња на улица – вели Илиевски.
Директорот на Центарот за развој на ИПР, Трајче Здравков, изјави дека локацијата за изградба на регионален стационар ќе се знае по изработката на физибилити студија и техничката документација. Врз основа на овие документи ќе се знае каде ќе се гради и колкав капацитет ќе има.
– По обезбедување на средствата за изработка на оваа техничка документација, ќе знаеме понатаму, со текот на настаните, каде ќе биде локацијата. Проценетата вредност на концептот за физбилити студиите и за техничка документација е пет милиони денари. Се надевам, во текот на овие месеци ќе добиеме извор на финансирање, за до крајот на годината да добиеме одговор за оператор што ќе почне да работи на документацијата – рече Здравков.
Единаесет градоначалници од Брегалничкиот Регион имаат донесено едногласна одлука за решавање на овој проблем со изградба на регионален стационар за бездомни кучиња.








