Повеќе од два месеци во скопските кулоари се вртат муабети дека актуелниот прв човек на скопски Карпош, Сотир Лукровски сака да ја напушти функцијата и да си замине од градоначалничкото столче, но целата работа „пукна“ пред неколку денови кога и официјално останал на боледување, а на негово место засега функицијата ќе ја извршува заменик градоначалникот Неделчо Крстевски.
Во петокот од општина Карпош демантираа дека Лукровски си поднел оставка од функцијата, туку дека во моментот користи боледување. Истиот ден беше објавено и решението со кое градоначалникот на Карпош ги предава сите ингеренции на член на Советот.
Поранешниот градоначалник Јакимовски дури праша зошто од Централен регистар било побарано Лукровски да биде избришан како одговорно лице во општина Карпош, а на негово место да биде ставен неговиот заменик.
„Ако е боледување, не се брише градоначалник од Централен регистар. Ако е боледување, не се менуваат потписници како човекот да заминал засекогаш. Ако е боледување, не се раздолжува службено возило“, наведува Јакимовски.
На 2 ноември, лани по завршувањето на вториот круг од локалните избори, Лукровски официјално прогласи победа, убедувајќи ги карпошани дека од општината ќе направи уште поурбано место за живеење и дека на жителите на оваа скопска општина им е преку глава од профитери, кои 30 години го цицаат за сопствен ќар, алудирајќи на тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
Но, што се случуваше во меѓувреме?
Од првиот момент кога Лукровски седнал на градоначалничката фотеља и по муабетите што се плетеле во општината каква се одговорност има градоначалникот, тој експресно почнал да се повлекува затоа што не сака да потпишува документи кои можат да отворат лична кривична одговорност поврзана со новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање на фирми.
И тоа посебно документи поврзани во периодот кога со општината владеел Јакимовски. Тој почнал да влегува во паника и не потпишувал буквално ништо, а со истото темпо продолжил и понатаму.
Според нашите информации, тој неколку пати име преговарано со раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека сака да се повлече од позицијата, но од таму не добил зелено светло. Во меѓувреме, Лукровски бара Советот да биде тој кој ќе одлучува и потпишува за тендерите, но тоа е незаконски и таквото негово барање било експресно одбиено.
Сепак, од ВМРО за да му ја олеснат работата, во општината го носат Александар Јанакиески, кој бил раководител на Секторот за урбанизам во скопска Гази Баба, како и две вработени во урбанизам од Центар. Но, ни тоа не помогнало за конечно актуелниот градоначалник на Карпош, да стави свој потпис на документите.
Нашите извори тврдат дека тие биле донесени за да влијаат да се потпишат сите одобренија и решенија, кои со месеци чекале на потпис од актуелниот градоначалник.
Според нашите информации, Лукровски досега не поднел официјална оставка, која мора да ја достави до министерот за локална самоуправа Златко Перински. Во моментот, како единствена опција е да остане на боледување, но главен проблем е тоа што од неговото владеење со општината остануваат уште три ипол години, кои според закон нормално дека не може да биде на боледување.
Според процедурата, во случај актуелниот градоначалник да биде спречен во извршување на работата поради здравствени причини и си поднесе оставка, тогаш Советот избира вд градоначалник кој ја извршува функцијата шест месеци и после тоа треба да се распишат предвремени локални избори. Единствено, мандатот на вд градоначалникот се продолжува уште шест месеци само ако во период од таа година има редовни локални избори, што не е случај со моменталната ситуација.
Лукровски станува градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а премиерот Христијан Мицкоски во една прилика призна и дека биле другари од детство.
„Јас со гордост можам да кажам дека ми е другар. Од детство. И токму затоа можам и да тврдам дека го познавам добро и дека знам дека никогаш нема да ги изневери карпошани. Тој е професионален, одличен менаџер со успешна кариера во приватниот сектор и има капацитет и што е најважно визија што сака да направи, програма и план како да работи и што да работи. Знае од кај да почне, знае што недостасува и што сака да направи да биде подобро за сите граѓани.
И да, тој ми е другар, како што ми се другари и Орце за Скопје, Аце, Боби, Даре, и многу во партијата кои освен соработници ми се и другари, тим со кој работам и ќе работам посветено и заеднички на развој на државата и општините“, тврдеше Мицкоски пред локалните избори.








