Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави можност за воведување забрана за користење мобилни телефони и во средните училишта во главниот град.
Тој посочи дека додека бил градоначалник на Општина Кисела Вода, во училиштата веќе биле воведени правила со кои електронските уреди не биле дозволени за време на наставата, и дека општината била меѓу првите што ја примениле ваквата мерка.
Според Ѓорѓиевски, во наредниот период ќе се разговара со директорите на средните училишта за утврдување нови правила за користење мобилни телефони на часовите.
Телефоните би можеле да се користат само кога тоа е неопходно за наставата и со дозвола од наставникот, додека во останатите ситуации учениците ќе треба целосно да се посветат на наставата.
„Онаму каде што ќе има потреба да се користат и е во согласност со наставата, ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, а сè друго ќе биде посветено на учење за време на часот“, изјави Ѓорѓиевски.








