Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, оствари работна средба со претседателот на Олимпискиот комитет на Србија, Дејан Томашевиќ, посветена на унапредувањето на меѓусебната соработка и иднината на олимпискиот спорт во регионот.
Средбата се одржа во просториите на Комитетот, во пријателска атмосфера и со конструктивен дијалог, при што беа дефинирани повеќе стратешки приоритети за натамошно дејствување.
Централна тема на разговорите беше заедничкиот настап преку европската програма „Еразмус+“. Договорено е здружување на капацитетите на двата комитети за заедничко аплицирање и реализација на проекти, со цел максимално искористување на ресурсите наменети за развој на спортот, едукацијата и младинските спортски иницијативи.
Истовремено, акцентот беше ставен и на креирањето стратегии и размена на најдобри практики за дополнителна популаризација и развој на кошарката 3х3.
Во насока на идната соработка, соговорниците најавија дефинирање конкретни чекори што вклучуваат размена на стручен кадар и континуирана организација на заеднички подготовки на спортистите од двете земји.
Во рамките на посетата, претседателот Димевски му ги презентираше на својот српски колега, Томашевиќ, инфраструктурните капацитети на Олимпискиот спортски центар. Гостинската делегација имаше можност директно да се запознае со условите за тренинг, развој и за стручно усовршување, при што особено беше истакната најсовремената лабораторија за мерење спортски перформанси.
Двајцата претседатели заклучија дека постои огромен потенцијал за заедничко дејствување, кое во иднина значително ќе придонесе за развојот на олимпиското движење во двете држави.








