HomeМакедонијаСлабостите во управувањето со водите го зголемуваат загадувањето на Вардарскиот речен слив

Слабостите во управувањето со водите го зголемуваат загадувањето на Вардарскиот речен слив

- Advertisement -spot_img

На трибина во Гевгелија беа презентирани наоди од теренски мониторинг што укажуваат на директни испусти, диви депонии и недоволна институционална координација во заштитата на водите.

Слабата имплементација на законите, недоволниот институционален капацитет и фрагментираното управување со водите се меѓу главните причини за загадувањето на Вардарскиот речен слив. Ова беше посочено на јавната трибина „Актуелните состојби и еколошки предизвици на Вардарскиот речен слив“, што Центарот за еколошка демократија „Флоризон“ ја организираше во Гевгелија, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг за одговорно управување со водите“.

На трибината учествуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, локалната самоуправа, јавни институции и претпријатија, како и граѓански организации од Гевгелија, Штип, Македонска Каменица и Куманово.

Беа претставени резултатите од теренскиот мониторинг спроведен во март 2026 година на повеќе локации во Вардарскиот речен слив. Мониторингот ги опфати реките Брегалница, Конска, односно Сува Река, Каменичка Река, Кумановка, Пчиња и Вардар.

Според презентираните наоди, на повеќе места се констатирани директни канализациски и индустриски испусти, диви депонии, градежен шут во речните корита, лагуни со отпадни води, процедување од стари депонии и ризици од излевање на рударско хидројаловиште.

Главниот заклучок од теренскиот мониторинг е дека утврдените состојби не се изолирани инциденти, туку последица на неадекватно, фрагментирано и претежно реактивно управување со водите во Вардарскиот речен слив.

Претставникот на „Флоризон“ и член на Советодавниот одбор на проектот, Кирил Ристовски, истакна дека Македонија формално има законска рамка, стратешки документи и определба за усогласување со европското законодавство, но дека практиката покажува сериозни слабости во спроведувањето.

„Водата сè уште не се третира доволно како стратешко национално прашање. Наместо континуирана превенција, често гледаме повремени интервенции. Наместо долгорочно следење, често гледаме краткорочни реакции. Наместо целосна координација меѓу институциите, често имаме преклопување на надлежности, одложувања и разлевање на одговорноста“, рече Ристовски.

Тој нагласи дека современите политики за води не смеат да се сведат само на реакција по настанат проблем, туку треба да подразбираат превенција, постојан мониторинг, стручни одлуки, координација меѓу институциите, инвестиции во инфраструктурата и вклучување на јавноста.

„Водата не е ничија приватна тема. Таа е заедничко добро и заедничка одговорност“, заклучи Ристовски.

Еколошките здруженија од Гевгелија, Штип, Македонска Каменица и Куманово ги презентираа своите мониторинг-извештаи. Во Штип е евидентиран директен испуст во Брегалница, оштетен канал од ерозија и нелегално депонирање отпад.

Во Гевгелија се регистрирани директни канализациски испусти, градежен шут, лагуна со отпадни води од сточарска фарма, исцедоци од стара депонија, индустриски канал за испуштање и канализација што се влива во Вардар без претходно прочистување.

Во Македонска Каменица е забележана акумулација на отпад во Калиманско Езеро и ризик од истекување на јаловиштето од рудникот САСА во Каменичка Река. Во Кумановка и Пчиња, пак, се документирани диви депонии, кабаст и биолошки отпад што се пренесува во Вардар.

Според извештајот, овие случаи покажуваат дека загадувањето има низводен ефект и не застанува на административните граници на една општина. На повеќе локации постои и ризик по јавното здравје, водоснабдувањето, подземните води и бунарите, особено таму каде што има директни испусти на канализација, отпадни води од фарми, пцовисани животни или индустриски нетретирани води.

На трибината беше промовиран и документ за јавни политики, подготвен врз основа на собраните податоци и утврдените критични точки што вршат еколошки притисок врз водотеците.

Како приоритети беа посочени воспоставување јасна приоритизација на ризиците од загадување, усвојување програма за континуиран мониторинг, побрза меѓуинституционална координација и доследна примена на казнената политика кон изворите на загадување.

На крајот од трибината, учесниците се согласија дека заштитата на водите не може да биде задача само на една институција, министерство или општина. Таа бара заедничко дејствување на државата, локалната самоуправа, инспекциските служби, јавните претпријатија, стручната јавност, граѓанските организации и граѓаните.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img