Додека светот се бори со пренаселеност, една европска земја се соочува со необичен дефицит – мажи. Летонија веќе со години го држи неславниот рекорд на земја со најголем дисбаланс меѓу половите. Тука, статистиката на „Евростат“ е немилосрдна: жените се за 15,5% повеќе од мажите, што е трипати над просекот на Европската Унија.
Убавина која чека на ред
Ако прошетате низ Рига, ќе ве пречека глетка како од модна писта – високи, привлечни и средени жени на секој агол. Но, зад таа естетика се крие тажна реалност. Поради недостигот на посилниот пол, многу Летонки се принудени драстично да ги спуштат своите критериуми. За нив не е пресудно дали мажот има пари или престижна кариера. Напротив, во очајна потрага по партнер, многу од нив се подготвени на сопствен трошок да му понудат на мажот дом и автомобил, само за да ја придобијат неговата наклонетост и присуство.
Маж под кирија
Овој демографски јаз роди и нов бизнис модел. Бидејќи многу дами живеат сами и не сакаат да се занимаваат со поправки во домот, во Рига никнуваат компании како „Ремонтдарби“. Нивната услуга? Изнајмување маж на час. Не се работи за придружба, туку за изнајмување мајстори со „златни раце“ кои во рок од 60 минути доаѓаат на вашата адреса за да поправат чешма, да склопат мебел или да ги средат електричните инсталации. „Потребен ни е маж во куќата, макар и на час“, велат локалните жителки.
Бегство во странство по љубов
За младите Летонки, ситуацијата е критична. Данија, вработена во Рига, вели дека 98% од нејзините колеги се жени. „Нема со кого ни да направите муабет за промена“, се жали таа. Нејзината пријателка Зане додава дека единствениот излез за оние кои бараат семејство е емиграцијата. Повеќето млади девојки си ја бараат среќата во странство, бидејќи дома шансите да најдат слободен маж се речиси рамни на нула.








