Популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, ќе гостува во Скопје, во рамки на Саемот на книгата што ќе одржи од 23 до 29 април на платото пред aрената „Борис Трајковски“.
Пеканен ќе биде дел од програмата на штандот на „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2026, со кој започнува одбележувањетона 20-годишниот јубилеј на издавачката куќа. На средбата со македонските читатели, на 25 април (сабота), која ќе започне во 13 часот, ќе биде промовиран нејзиниот нов психолошки трилер „Куќа од стакло“, што неодамна излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“. По промоцијата ќе следуваат потпишување и дружба со авторката. За време на гостувањето во Скопје, таа ќе одржи и мастерклас.
Сара Пеканен ѝ е позната на македонската публика и како коавторка на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, што ги има напишано заедно со својата пријателка и уредничка Грир Хендрикс. Досега има објавено 15 книги – самостојни и коавторски изданија, вклучувајќи ги трилерите напишани со Хендрикс. Нивните книги се бестселери на „Њујорк тајмс“, а неколку од нив ќе добијат филмски и телевизиски адаптации.
„Куќа од стакло“ беше номинирана за наградата Goodreads Choice Award и беше прогласена за една од најдобрите книги на годината на „Амазон“. Книгата раскажува приказна за адвокатка која застапува деца во сложени разводи и случаи за старателство. Нејзиниот нов клиент е деветгодишната Роуз Баркли, која можеби била сведок на убиство на својата дадилка. Во текот на бракоразводната битка, девојчето престанува да зборува, а адвокатката Стела Хадсон се обидува да ја открие вистината — во ситуација кога сите лажат и секој може да биде осомничен.








