Министерката за енергетика Сања Божиновска денес присуствуваше на свеченото отворање на новата 100/35 kV трафостаница „Централна“ во Скопје, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Станува збор за значајна инвестиција на EVN Македонија вредна 22 милиони евра, со која се очекува да се зајакне стабилноста и отпорноста на електроенергетската мрежа во главниот град.

Како што истакна Божиновска, Скопје бележи динамичен урбан развој, што наметнува потреба од модерна и сигурна енергетска инфраструктура. Новата трафостаница „Централна“ има клучна улога во надминување на постојните тесни грла во системот и обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија.
„Оваа инвестиција создава предуслови не само за сигурност во снабдувањето, туку и за понатамошен урбан развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, нагласи министерката.
Проектот е резултат на координирана соработка помеѓу државните институции, енергетските компании и стручната јавност, со цел изградба на современ и отпорен енергетски систем.
Од Министерството за енергетика потенцираат дека модернизацијата на критичната инфраструктура, јакнењето на сигурноста во снабдувањето и прилагодувањето на новите технологии остануваат врвен приоритет, особено во услови на забрзан урбан раст.
Со новата трафостаница, Скопје добива посигурна и поефикасна енергетска мрежа, подготвена да одговори на идните потреби на градот и неговите жители.








