Владата го предложи судијата Ненад Савевски за нов државен јавен обвинител. Предлогот ќе биде доставен до Собранието, каде што пратениците треба да се изјаснат со гласање.
Од Владата соопштија дека одлуката е донесена по разгледување и дискусија, при што биле земени предвид критериумите како професионалност, интегритет, стручност и посветеност на владеењето на правото.
Савевски во моментов ја извршува функцијата судија во Основниот кривичен суд Скопје, каде работи во Одделот за организиран криминал и корупција.
По објавувањето на предлогот, на социјалните мрежи реагираше адвокатот Јанаки Митровски, кој позитивно се изјасни за кандидатурата на Савевски.
Во објава на Фејсбук, Митровски оцени дека станува збор за кандидат на кого, според него, не може да му се припишат партиски влијанија и кој има долгогодишно искуство и како обвинител и како судија.
-Владата денес направи редок, и можеби единствен до сега исправен потег во 18 месеци власт. Предложи одличен кандидат за Јавен Обвинител, судија кому не може да му се закачат партиски опашки, не може да се каже дека е близок до оваа или онаа политичка гарнитура, кривичар со екстензивно искуство и како обвинител, и како судија. И она што е за мене најважно, ЕДИНСТВЕН судија кој имал храброст да крене глас на политиката, да се залага за независно судство, и имаше храброст да оспори одлука за избор Директор на Академија, нешто што е баук за 99% судии, вели адвокатот Митровски во фејсбук објава.
Предлогот за избор на нов државен јавен обвинител сега треба да биде разгледан и ставен на гласање во Собранието.








