Во последните часа, нафтениот пазар во Македонија се најде во необична ситуација. Додека дел од возачите наидуваа на бензински пумпи каде дизел во одредени моменти не се точеше, од институциите пристигнуваа пораки дека нема причина за загриженост и дека државата располага со доволни резерви на гориво. Во вакви ситуации, сепак, за граѓаните најважно е дали горивото е достапно токму во моментот кога им е потребно.
По овие информации дека на одредени бензински пумпи во Скопје не се полни дизел, екипата на Трн денес беше на неколку локации низ градот за да провери каква е реалната состојба на терен.
На бензинските пумпи на ОКТА во Скопје дизел се полни без проблем. Продавачка на една од пумпите за Трн раскажа дека во последните два дена многу возачи доаѓаат збунети и постојано прашуваат дали има дизел.
„Сите доаѓаат и прво прашуваат дали има дизел. Очигледно слушнале дека на некои места го нема“, вели таа, додавајќи дека на нивната пумпа снабдувањето е редовно.
Слична е ситуацијата и на бензинските на Макпетрол низ Скопје. Иако во изминатото деноноќие на одредени пумпи било кажано дека дизел нема, денес на дел од нив горивото се точи.
На бензинските на Лукоил исто така има дизел. Дел од граѓаните, сепак, раскажуваат дека вчера на некои локации имале проблем да наполнат гориво, што дополнително ја зголемило неизвесноста кај возачите.
Според информациите до кои дојде Трн, поголем проблем може да се појави во помалите места. Во Свети Николе, на пример, на бензинските на Макпетрол на моменти снемало дизел бидејќи голем број луѓе, жители и земјоделци, истовремено полнеле гориво. Во меѓувреме, на дел од помалите бензински пумпи на граѓаните им било кажано дека не можат да точат дизел. Како причина се наведувале различни објаснувања, од технички проблеми со компјутерите до тоа дека едноставно немаат гориво.
Во друга објава на Фејсбук од Радио Мрежа Канал 77 се тврди дека во Штип „речиси цел ден има долги редици пред бензинските станици“, а вечерта редиците дополнително се зголемиле по информација дека стигнале нови количини дизел.








